Заедницата на српски општини (ЗСО) ќе биде формирана врз основа на одлуката на Уставниот суд на Косово, а ултиматумот на Српската листа дека ако Владата не превземе конкретни чекори, на 20 април косвските Срби еднострано ќе ја формираат ЗСО, нема да има никаков ефект. изјави денеска косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
– Ситуацијата е сменета. Косово е на пат кон изготвување на Статутот на ЗСО. Ултиматумот паѓа во вода – рече Харадинај на прес-конференција по денешната седница на неговата Влада.
Косовските власти веќе формираа работна група за изготвување на Статутот на ЗСО, а за денеска во Звечан е најавена средба на нејзините членови со политичките претставници на косовските Срби.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во Белград изјави дека Србија ќе чека на работната група да ја заврши својата работа околу статутот на ЗСО во следните три и пол месеци.