Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по денешниот состанок на државниот врв кај претседателот на Собанието Кадри Весели, изјави дека на средбата се разговарало за косовската платформа за дијалогот со Србија и дека не станало збор за таксата од 100 отсто на увозот од таа земја и од Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Таксата, повтори Харадинај, останува „се додека Белград не престане со агресивното и деструктивно однесување кон Косово“, односно додека не ја признае неговата независност.
– Тоа што денеска се постигна како согласност е платформата (на косовскиот преговарачки тим) кога и да биде изготвена да се достави до Собранието – изјави Харадинај за време на посетата на компанија за преработка на дрво во Пеќ.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи и премиерот Харадинај, заедно со копретседателот на косовскиот тим за преговори со Србија, вицепремиерот Фатмир Лимај, и членовите на тимот, вицепремиерот Енвер Хоџај и пратеникот Висар Имери, се состанаа денеска кај собранискиот спикер Весели, во пресрет на, како што беше објавено, финалната фаза на дијалогот меѓу Приштина и Белград.