Харадинај: Со изгласувањето на Платформата кажавме дека границите на Косово се неменливи

87
PHOTO: EPA/OLIVIER HOSLET

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај оцени дека вчерашното изгласување во Собранието на Платформата на државниот тим за преговори со Србија значи гласање за зачувување на Косово во границите во кои беше прогласена независноста на државата на 17 февруари 2008 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај од својата страница на Фејсбук синоќа порача дека изгласувањето на Нацрт-законот за одговорностите на косовската делегација во преговорите со Србија и на Платформата за конечниот, сеопфатен и законски обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, претставува потврда на посветеноста на Косово за мир и стабилност во регионот.

– Со гласовите на мнозинството присутни во Собранието, ние му го отворивме патот на сеопфатниот тим, во кој членуваат претставници на власта, опозицијата и граѓанското општество, како тим кој ги претставува уставните и стратешки интереси на Косово и уште еднаш ја потврдивме нашата посветеност за мир и стабилност во целиот регион и за добрососедски односи – напиша Харадинај.

Официјален Белград го протолкува изгласувањето на платформата на Приштина како тешка провокација и доказ дека косовската страна не сака дијалог, со оглед дека во таа платформа е зацртано дека конечна цел на преговорите е меѓусебно признавање на двете држави, односно признавање на косовската независност од страна на Србија. Поради таквиот развој на настаните во односите меѓу двете земји, српскиот претседател Алекандар Вучиќ за денеска претпладне свика седница на Советот за национална безбедност.

„За“ Платформата, во 120-члениот Парламент на Косово, гласаа 61 пратеник, еден беше воздржан, додека седницата на самиот почеток ја напуштија претениците на двете најголеми опозициски партии на Албанците, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ). Десетмината пратеници на Српската листа (СЛ) го бојкотираат Собранието уште од минатиот ноември, кога Владата на Харадинај ја воведе таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.

Премиерот Харадинај во своето обраќање на почетокот на вчерашната седница ја отфрли можноста изгласувањето на платформата да резултира со повлекување на одлуката за санкции кон српскиот увоз, останувајќи на ставот дека таксата ќе се укине тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Република Косово.

ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...