Косовскиот премиер Рамуш Харадинај потврди дека до него е доставен извештај на работната група за драфтирање на Статутот на Зедницата на општините со мнозинско српско население, но документот е вратен на Министерството за локална самоуправа, затоа што, како што рече, бил напишан на српски јазик со кирилично писмо.
– Во Владата е доставен транскрипт од средбите на работната група. Напишан е со кирилично писмо. Јас го познавам, но треба да се достави на три јазици. Го побаравме, не го добивме на јазик кој го разбираме, на официјален јазик. Доколку го сторат тоа, ќе го анализираме и ќе видиме – изјави косовскиот премиер на прес-конференција попладнево во Приштина.
Харадинај за дијалогот меѓу Косово и Србија истакна дека би било редно претседателот Хашим Тачи, кој во неделата во Брисел се сретна со српскиот колега Александар Вучиќ, да поднесе извештај пред пратенициите за текот на преговорите.
– Добро би било да се создаде протокол на комуникација меѓу иснтитуциите и соодветните екипи. Претседателот не е должен да поднесе извештај во Собрание, меѓутоа би било добро кога би го направил тоа. Парламентарните партии треба да ја знаат вистината за дијалогот. Парламентот треба да е вклучен – порача Харадинај.