Харадинај му наложил на специјалниот обвинител како да ја води истрагата за лажните ветерани

99

Косовските медиуми денеска објавија доказ дека премиерот Рамуш Харадинај му давал упатства на специјалниот обвинител Елез Бљакај, кој минатат недела поднесе оставка, како да ја води истрагата за лажните воени ветереани и бара од него да му поднесе извештај за резултатите од истата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во точката 3 од писмото од 29 септември минатата година, Харадинај му наложува на Бљакај истрагата да не трае подолго од 30 дена и потоа обвинителот да го извести премиерот за резултатот од истрагата и за неговите заклучоци.

Обвинителот на Специјалното обвинителство минатата недела, откако отпатува на специјализација во Вашингтон, со стипендија на Aмериканската амбасада, поднесе оставка од функцијата во Косово и објави дека бил под големи притисоци од политичките фактори во земјата, меѓу кои и од државниот обвинител Александар Љумези.

Од Бљакај било барано да „води сметка“ при истрагата за лажните воени ветерани, која опфаќа и високи државни функционери. Како што објави обвинителот, неговите сознанија велат дека 19.000 од регистрираните од вкупно 40.000 лица кои добиле статус на воени ветереани, воопшто не учествувале во војната од 1998-99 година. По овие објави уследија остри реакции на Љумези, кој ги побива тврдењата на Бљакај дека барал од него да ја прекине истрагата за некои лица, како и на Харадинај, кој бившиот обвинител јавно го нарече „детиште“ и „ситен крадец на кокошки“ кој „војната ја поминал криејќи се во Блаце и Стенковец“.

По објавувањето на наводите на Бљакај и нападите врз него од страна на Љумези, Харадинај и лидерите на Здружението на воени ветереани, во Приштина беше организиран протест на кој неколку илјади граѓани вчера попладне побараа оставка од државниот обвинител Љумези, како и да се престане со мешањето на политиката и политичарите во независноста на судството.

Повеќе медиуми, опозициските партии, граѓански организации, политички аналитичари, како и Амбасадата на САД во Приштина, реагираа остро на нападите од владејачките структури врз обвинителот кој ги изнесе обвиненијата.

Бљакај не ја заврши истрагата, а по неговата оставка случајот денеска е доделен на друг обвинител од Специјалното обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...