Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај изјави дека утре Европската комисија ќе го објави извештајот во врска со исполнувањето на последниот критериум за визна либерализација за Косово и дека е оптимист дека тој извештај ќе биде позитивен, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај, пред заминувањето утре ,заедно со претседателот, Хашим Тачи и собранискиот спикер, Кадри Весели, во Брисел, каде што треба да продолжи дијалогот со Србија, изјави дека прашањето на визната либерализација ќе биде една од темите на челниците на косовските институции со оние на Европската унија.
– Агендата на Косово и Брисел ги опфаќа сите теми – од Договорот за стабилизација и асоцијација, потоа тема што не интерсира е либерализацијата, како и дијалогот – рече пред новинарите Харадинај, додавајќи дека се уште ја нема конечната агенда, но дека се тоа трите теми за кои ќе се зборува во Брисел.
Тој повтори дека не се гледа себеси како дел од дијалогот со Белград, затоа што, како што рече, „некој треба да ги врши и домашните задачи“.
Косовскиот премиер нагласи дека, и покрај тоа што се очекува добра вест, работата околу либерализацијата не завршува со тоа.
– Нема да се заврши работата утре. Утре ќе ја имаме првата од трите одлуки, а тоа е критериумот на Комисијата – изјави Харадинај по денешната седница на Владата.