Косовскиот премиер Рамуш Харадинај оцени дека писмото на американскиот претседател Доналд Трамп до неговиот косовски колега Хашим Тачи претставува уште една потврда дека САД се најголемите поддржувачи на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај во објава на Фејсбук порача дека го поддржува барањето на Трамп за обединување на политичкиот спектар на Косово за постигнување договор за нормализација на односите со Србија.
– Писмото на претседателот Трамп е добра вест за државата и народот на Косово. САД од почетокот беа и остануваат и понатаму најсилен поддржувач на косовската држава, на нејзиниот суверенитет и трериторијален интегритет. Како премиер на Косово силно го поддржувам секој напор за обединување на ставовите на политичкиот спектар и за брз подготовки за затворање на еден сеопфатен и законски обврзувачки договор меѓу двете држави, Косово и Србија – напиша Харадинај.
Трамп во неговото вчерашно писмо до Тачи повика на обединување на косовските лидери со цел постигнување конечен договор со Србија, по што, како што порача, ќе му претставува задоволство да ги прими во Белата куќа Тачи и неговиот српски колега Алесандар Вучиќ, за заедно да го прославата „историското достигнување“.
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA