Владата на Косово информира дека премиерот Рамуш Харадинај отпатува денеска за Соединетите Американкси Држави, каде што на покана на Албанската католичка заедница ќе присуствува на одбележување на 108-годишнината од Востанието во Малесија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според владиното соопштение, освен со домаќините, Харадинај ќе се сретне и со претставници на властите во Детроит, како и со други официјални претставници на САД.
– Востанието во Малесија (24 март 1911 – 4 август 1911) беше продолжение на антиосманлиските востанија во Косово во 1908-1910 година и му претходеше на кревањето на знамето во Валона од страна на Исмаил Ќемали – Влора, како и на прогласувањето на албанската држава во 1912 година. Во чест на овој датум и на сето историско патешествие на албанскиот народ за слобода и во чест на улогата и придонесот на САД во истото тоа патешествие, премиерот Храдинај ќе оствари средби со претставници на повеќе албанско-американски организации и со други личности кои дале придонес во тој правец, се наведува во соопштението.
Американската амбасада во Приштина овој пат му издаде виза на косовскиот премиер, иако таа, поради неговото неприфаќање на барањето на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија, му беше одбиена на почетокот на февруари за традиционалниот молитвен појадок во организација на претседателот на САД.