Харадинај го предупреди Брисел за можна дестабилизација на Балканот

1005
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача дека зачленувањето на Косово во Европската Унија ќе го зајакне мирот и ќе го ослабне влијанието на Русија, чиј интерес е „да одржува хаотична ситуација во регионот“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервјуто за „Фајненшел Тајмс“, што го објави на својата Фејсбук-страница, Харадинај му порачува на Брисел дека треба да ги земе сериозно аспирациите на неговата држава за зачленување во ЕУ за да се избегне натамошната дестабилизација на Балканот.

Косовскиот премиер ја обвинува Србија дека дејствува во интерес на Русија во правец на дестабилизација на регионот.

– Веруваме дека Европа ни даде можност, односно патоказ за тоа како да станеме членки на ЕУ и за тоа сме благодарни – вели Харадинај во интервјуто за ФТ.

Тој ја обвинува Србија за дипломатската офанзива со цел да ја оспори државноста на Косово и оценува дека ниту лидерите на ЕУ не дадоа соодветен одговор на поплаките на Приштина за однесувањето на Белград.

– Додека ЕУ продолжува да инвестира во фондови и персонал за нормализирање на ситуацијата во Косово и во регионот, сите дејствија на Србија се против интересите на ЕУ за стабилизација на Западен Балкан и во полза на руските интереси за продолжување на оваа хаотична ситуација во нашиот регион – истакна Харадинај.

ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...