Харадинај: Владата го сака многу претседателот Тачи, но таксата кон Србија нема да се укине

460

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај одби да ги коментира најавите на пртетседателот на државата Хашим Тачи за можноста да се укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, но нагласи дека одлуката за воведување на таа мерка ја донесе неговата Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај избегна да одговори на новинарското прашање за заложбите на Тачи за укинување на таксата, правдајќи се дека не го прочитал неговото интервју во „Вашингтон пост“.

Тачи деновиве за влијателниот американски весник изјави дека таксата кон Србија и БиХ може да се укине, „доколку на Косово му се отвори јасен пат кон постигнувањето конечен мировен договор со Србија“.

– Со ова за претседателот ме фативте во тесно, бидејќи не сум ги видел тие интервјуа. Чув дека бил и на ТВ Клан, но јас не сум ги видел и немам коментар. Ние го сакаме многу претседателот. Ние сме Влада и си ја работиме нашата работа – изјави премиерот по средбата со министерот за трговија и индустрија Ендрит Шаља.

Харадинај нагласи дека нема намера сега да ги укинува санкциите кон Србија и БиХ, но оти тоа ќе го стори веднаш, доколку Белград ја признае независноста на Косово.

– Таксата е одлука на Владата. Тоа е легитимна одлука на нашата земја. Заинтересирани сме да ја укинеме уште денеска. Веднаш ќе ја укинеме доколку не признае Србија – изјави Харадинај.

Владата во Приштина на 21 ноември 2018 донесе одлука за воведување такса во износ од 100 отсто на сите производи од Србија и БиХ, а непосредно пред Нова година одлуката ја прошири и на меѓународните брендови кои се увезуваат во Косово, а се произведуваат во погони во двете земји.

И покрај острото противење и барањата на меѓународниот фактор, пред се на Европската унија, за укинување на таксата, Харадинај останува упорен на ставот дека одлуката нема да се повлече се додека Србија не престане со агресивното и деструктивно однесување кон Косово, односно додека не ја признае независноста на косовската држава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...