Косовскиот премиер Рамуш Храдинај по денешната седница на Владата изјави дека очекува Европската Унија наскоро да донесе одлука за визна либерализација за граѓаните на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај нагласи дека овој процес не се доведува во врска со таксата од 100 отсто што неговата Влада ја воведе за увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.
– Визната либерализација не се поврзува со таксата. Очекуваме да се случи либерализацијата. ЕУ не рекла „не“, ние тоа го разјаснивме. Вложуваме напори за тоа да се случи по Нова година, во не така далечна иднина – изјави Харадинај.
Тој го повтори ставот на неговата Влада дека таксата нема да се укине се додека Србија не ја признае Република Косово како држава.
Косовскиот премиер се осврна и на дијалогот меѓу Приштина и Белград, при што ги повтори обвинувањата на сметка на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, која, како посредник во дијалогот, според него, истиот „го извадила од колосек“.
– Патот по кој се движи дијалогот предводен од Могерини ја загрозува севкупната инвестиција на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија – изјави Харадинај.
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA