Харадинај: Безбедносните сили нема да ги заменат ниту КФОР ниту НАТО во Косово

44

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека трансформираните Безбедносни сили на Косово (ФСК) нема да претставуваат замена за КФОР и НАТО, туку ќе ја продолжат успешната соработка со нив, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на денешната, 9-та конференција на тема „ФСК и партнерите“, орагнизирана од Министерството за ФСК, рече дека Косово го чека долг и напорен процес до транзицијата на ФСК во војска.

– Позицијата на ФСК е демократска и претставува еден глобален процес, а оваа транзиција ќе придонесе за регионалната и глобалната безбедност, ќе ја покаже нашата зрелост и готовност да преземеме поголема одговорност заедно – изјави косовскиот премиер.

Тој нагласи дека КФОР и НАТО и натаму ќе бидат добредојдени во Косово.

– Некои ставови е важно да се слушнат уште еднаш. ФСК нема да го замени КФОР и КФОР е добредојден во нашата држава. ФСК нема да го замени НАТО, присуството на НАТО е секогаш добредојдено во нашата држава и ние сакаме да се приклучиме на оваа организација, сакаме да службуваме со вас – рече Харадинај, порачувајќи дека Косово е подготвено за зачленување во Интерпол и во НАТО.

Тој вети дека со трансформацијата на ФСК ќе се обезбеди негова мултиетничност и професионализам, а мултиетничноста, како што нагласи, е „загрозена од насилството кое е неприфатливо“.

– Недозволиво е да им се упатуваат закани на невини луѓе и на семејствата на припадниците на одредени организации или институции во нашата држава – изјави Харадинај, алудирајќи на информациите дека припадниците на ФСК од српска националност се под постојан притисок, уцени и закани од официјален Белград и неговите емисари во Косово, поради што 50-тина од нив годинава веќе ја напуштија службата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...