Хан се понудил да посредува во трговскиот спор меѓу Белград и Приштина

180

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, им понудил на Белград и на Приштина да го посредува трговскиот спор помеѓу овие две држави со цел одблокирање на Дијалогот за нормализација на односите, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Во интервјуто за МИА, Хан вели дека „за жал“ дијалогот меѓу Белград и Приштина „е сопрен поради прашањето со царините“.

Приштина пред неколку месеци реши да ги зголеми увозните такси врз производите од Србија и Босна и Херцеговина за сто отсто, со што де факто се стопираше дијалогот кој треба да доведе до нормализација на односите и кој го посредува високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

– Ги понудив моите услуги за посредување на спогодба поврзана за трговските прашања, помеѓу двете земји, но не сум добил позитивен одговор, посебно од Приштина, за овој предлог – рече Хан во интервју за МИА.

Неговиот предлог, како што вели, нема за цел да се додаде на постоечкиот дијалог туку да се справува со трговските прашања посебно во специјален формат „под лидерство на двајцата премиери и со кој ние ќе посредуваме за да најдеме решение за трговските прашања само, ова би требало да го отвори патот кон враќање на преговарачка маса“, изјави Хан.

И покрај забавениот дијалог, комесарот е оптимист дека е можно одблокирање доколку се има политичка волја.

– Дефинитивно имаме забавување но доколку сите страни се посветени и подготвени сѐ уште е можно дијалогот да биде комплетиран за време на нашиот мандат – изјави тој.

Мандатот на оваа Европската Комисија завршува кон крајот на годината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...