Хан: Внимателно го следиме прашањето со имотите на грчкото малцинство во Албанија

455
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Прашањето за имотите на припадниците на  грчкото малцинство во Албанија било тема на  дискусија во Брисел, јави агенцијата Балкан веб.

Грчкиот европратеник Костас Хрисогонос побарал неколку одговори за она што тој го нарекува „кражба на земјиштето сопственост на грчкото малцинство од страна на албанската Влада“.

Според грчкиот европратеник, ова е тешка повреда на правата на малцинството што е во спротивност со Европската конвенција за човекови права и се подготвува прашањето да го достави до Европскиот суд во Стразбур.

Одговор добил од Комесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, кој му рекол дека „Европската Комисија му придава големо значење на правото на сопственост и владеењето на правото за решавање на имотните спорови низ цела Албанија”.

Тој посочил дека во својот годишен извештај за Албанија, објавен на 17 април 2018 година, Комисијата наведува  дека земјата се уште не забележала напредок во подобрувањето на правната рамка за регистрација, денацоналзација и обештетување за имот.

– Комисијата е свесна за загриженоста на грчкото малцинство во Албанија во врска со почитувањето на правото на сопственост и внимателно, одблиску, го следи развојот на настаните по ова прашање. Исто така, со оглед на комплексноста и важноста на прашањето за имотните права, Комисијата обезбедува финансиска и техничка помош во земјата за да ги реши недостатоците во оваа област – нагласи комесарот Хан.

Припадниците на грчкото малцинство кои се конценрирани главно во јужниот дел на земјата, покрај крајбрежјето, обвинуваат дека Владата им ги узурпира имотите за да на нив гради хотелски капацитети или да ги доделува на свои блиски, пред се во  Химара.

ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...