Хант: Инсистирањето на Брегзит без договор е „политичко самоубиство“

130

Шефот на британската дипломатија Џереми Хант смета дека инсистирањето на Брегзит без договор би претставувало „политичко самоубиство“ за Велика Британија.

Со ова Хант стана прв од водечките кандидати за наследник на британската премиерка Тереза Меј, кој отворено застана во одбрана на Договорот за Брегзит, што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и Брисел и кој досега во три наврати беше отфрлан од страна на Парламентот во Вестминстер.

За разлика од Хант, мнозинството останати кандидати за нов лидер на владејачката Конзервативна партија и за британски премиер, сметаат дека Велика Британија треба да ја напушти ЕУ до крајот на октомври, со или без договор. Ваквиот став го застапува и главниот фаворит за наследник на Меј, поранешниот британски министер за надворешни работи, Борис Џонсон.

Претставувајќи се како противтежа на Џонсон и останатите кандидати кои сметаат дека во игра треба да остане и Брегзит без договор, Хант во авторски текст за денешниот број на „Дејли Телеграф“, оценува дека пратениците би можеле да ја блокираат таквата опција, што би довело до предвремени избори.

– Обидот да се реализира опцијата за Брегзит без договор преку одржување општи избор, не претставува решение, туку политичко самоубиство. Оттаму, единствено решение е поинаков договор, нешто на што јас ќе инсистирам доколку станам партиски лидер – наведува Хант.

Тереза Меј во петокот најави дека ќе поднесе оставка на функциите британски премиер и лидер на Конзервативната партија ан 7 јуни, што ја разгоре битката за нејзин наследник меѓу дел од истакнатите пратеници конзервативци и актуелни владини министри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...