ФХ3Х дел од визуелните ефекти на Годзила

132

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х, учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на најновото издание на 65-годишната франшиза за познатото чудовиште Годзила, чие премиерно прикажување во земјава се очекува на крајот на мај месец.

Франшизата за најпознатото јапонско чудовиште кое прв пат се појави на екраните во 1954 година, овојпат според сценарио и режија на Мајкл Доерти, најавува достојно претставување на креацијата на Томојуки Танака и универзумот на Тохо кој Годзила, Родан, Мотра и Гидора ги сметаат за божества. Танака го создал Годзила како израз на теророт кој Јапонците го чувствувале по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби. Според изјавата на Танака, Годзила е одмазда на природата против злосторствата на човештвото. Не е изненадувачки што најновото продолжение во рацете на режисер кој е популарен за хорори е оценето дека не е за деца под 13 години заради реалистичните сцени на насилство.

Според Кристијан Даниловски, ко-основач на ФХ3Х ова е триесет и треттиот филм во франшизата и ако во претходните делови критиките беа насочени кон премалку борби меѓу чудовиштата, овојпат со 17 каиџу креатури, тоа ќе го има доволно.

– Сите кои сме фанови на оваа франшиза знаеме дека овие филмови всушност имаат многу силна порака врзана за животната средина. Суштината која се провлекува е дека доколку не ја почитуваме, природата ќе не надвладее на свој начин. Овојпат останува да ја откриеме заедно пораката скриена во филмот која се пренесува со децении преку постоењето на Годзила и да уживаме во мајсторството кое што според критичарите е оценето како најдобрата американска изведба на Годзила, до денес, а на кое ние учествувавме со тим од 80 артисти, на околу 200 кадри, во периодот од април до август, минатата година – изјави Даниловски.

Премиерното прикажување на Годзила во Скопје е закажано за 30 мај во киното Синеплекс.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...