Издавачката куќа „Антолог“ го најави објавувањето на романот „Баба ми ве поздравува и ви се извинува“ од шведскиот мегаактуелен писател Фредрик Бакман. Бакман важи за еден од најчитаните и најпродаваните шведски автори во светот и конечно и македонската публика ќе има можност да ги чита на македонски јазик неговите бестселери што ги освоија читателите со смислата за хумор и оригиналните ликови. Преводот на македонски на оваа негова книга е на Ирена Трајкова.
„Баба ми ве поздравува и ви се извинува“ е шармантен роман за девојче чија баба умира и остава зад себе серија писма, испраќајќи ја малата внука на патување што го оживува светот на бајките измислен од нив двете. Елса има седум години и е поинаква од своите врснички. Нејзината баба има седумдесет и седум години и е тотално откачена. На пример, има навика од својот балкон да гаѓа непознати луѓе со пејнтбол-топчиња. Две различни, а блиски перспективи. Бабата е најдобрата другарка на Елса. Всушност, единствената другарка.
Покрај овој, наскоро во издание на „Антолог“ ќе излезат уште два романи бестселери од Бакман – „Човекот по име Уве“ и „Брит-Мари беше овде“, кои се и филмувани.
Фредрик Бакман (1981) е шведски писател, блогер и колумнист. Неговите книги се продадени во милионски тиражи низ целиот свет, со што станал еден од најпопуларните писатели за сите генерации читатели. Пишува романи проткаени со оригинален хумор и со искрена човечка трогателност. Преведен е во повеќе од четириесет држави. Живее и работи во Стокхолм, со својата сопруга и со двете деца.