Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на незадоволните припадници на полицијата ќе им ги исплати заостанатите надоместоци за прекувремена работа. Станува збор за долг од околу 274 милиони евра, јави дописникот на МИА од Париз.
– Во суштина, годишно се собираат три милиони дополнителни работни часови. Исплатата на дополнителните часови изнесува 274 милиони евра. Ова плаќање ќе биде ефективно според распоредот што ќе го дефинираме. Го потврдувам. Тоа е она за што разговараме со синдикатите – изјави државниот секретар Лорен Нуњез.
Претходно, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, потсети дека прекувремената работа започнала да се акумулира „не во последниве месеци или минатата година, туку со десетици години.”
Вработените во француската полиција денеска стапија во штрајк, поради неисплатените надоместоци за прекувремена работа, што предизвика застои на парискиот аеродром „Шарл де Гол“.
Управата на аеродромската полиција соопшти дека застои поради штрајкот има само на Терминалот 1, додека на остантите два терминали турканиците настанале поради „големиот број патници“.
Штрајкот се одржува во организација на полицискиот синдикат Алианс, кој ги повика полицајците денеска да реагираат само на „итни случаи“, откако преговорите меѓу неговите претставници и Министерството за внатрешни работи околу надоместоците за прекувремна работа за време на протестите на „жолтите елеци“ западнаа во ќор-сокак.
Француската Влада вчера соопшти дека ќе им исплати по 300 евра бонус на околу 111.000 полицајци, кои се ангажирани во обезбедувањето на протестите на „жолтите елеци“. Според најавите, ваквата одлука ќе ја чини Франција 33 милиони евра.
Полициските синдикати бараат ова премија да биде поголема и да им биде исплатена на сите припадници, а не само на тие кои беа вклучени во обезбедувањето на демонстрациите на „жолтите елеци“.
Претставниците на полициските синдикати исто така бараат повеќе средства за полицијата