Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер оцени дека имиџот на неговата земја и натаму останува „недопрен”, по речиси три месеци од протестите на „жолтите елеци”, и дека Владата, додека го слуша „гневот”, ќе оди до крајот на реформите, јави дописникот на МИА.
Францускиот претседател Емануел Mакрон презеде обврски во текот на кампањата (во 2017 година), вклучувајќи ја таа за длабока трансформација на францускиот економски модел, рече Бруно Ле Мер, на маргините на форумот во Дубаи.
– Ќе одиме до крај на оваа трансформација (…), бидејќи таа почнува да дава резултати, посебно со нивото на раст кое останува солидно и покрај европската и глобалната несигурност. Ние мора да продолжиме да ги исполниме обврските и ветувањата на претседателот и истовремено да бидеме способни да посветиме поголемо внимание на оние кои се чувствуваат маргинализирани, рече тој.
Запрашан дали настаните во Франција, понекогаш проследени со урбано насилство, и нанесуваат штета на имиџот на земјата во странство, министерот одговори: „Францускиот имиџ останува недопрен, но ќе бидам многу искрен, има многу прашања поставени од страна на инвеститорите, креаторите на политики и приватни актери”.