Филип Жије, Французин којшто обожава рептили, во скромна куќа на брегот на реката Лоара живее со вкупно четиристотини влекачи и пајаци.
Во неговата „колекција“ на животни, од кои некои предизвикуваат фобии кај луѓето, има џиновска желка од 50 килограми, кобра, два алигатора долги по два метри, ѕвечарки, тарантули и гуштери.
Шеесет и седумгодишниот Филип речиси повеќе од две децении собира рептили и се грижи за нив во својот дом во западна Франција.
Негови најомилени животни од царството што му шета по дома се алигаторите кои се викаат Али и Гатор, од кои еден спие со него во кревет, додека другиот лежи покрај вратата и внимава на куќата.
Спасени и подарени
Али и Гатор, објаснува нивниот сопственик, се спасени од фарма која се занимава со преработка на кожа. Поголемиот дел од останатите животни за кои тој сега се грижи биле нечии домашни миленичиња што нивните поранешни сопственици ги отфрлиле или му ги подариле.
– Мислам дека не е праведно овие животни да се третираат на начин на кој ние луѓето го правиме тоа, бидејќи не ги разбираме – објаснувал Филип за Ројтерс, додека ги хранел алигаторите со пилешко.
Филип Жије посочува дека луѓето не ги разбираат ваквите животни, дека ги мразат и ги сметаат за ужасни, но дека кога човек ќе ги запознае, тие му приоѓаат кога ќе ги повика и речиси може и да му јадат од рака.
Необично соседство
Французинот кој е огромен љубител на рептили, истакнал дека ги има сите потребни дозволи за чување и транспорт на животните заради изложби, на кои учествува со цел кај луѓето да ја разбуди свеста за овие животни.
Филип вели дека неговите соседи немаат ништо против нивното „необично соседтсво“ и дека редовно доаѓаат кај него на кафе, без страв, бидејќи знаат дека најопасните змии ги чува во просторија зад дебела врата.
Сепак, локалната противпожарна служба е повнимателна. Пожарникарите, имено, добиле инструкции да не влегуваат во неговата куќа во случај на пожар.
Фото – Принтскрин/Твитер/ReutersTopNews