Франција е подготвена да ја прими Пакистанката Асиа Биби, која Врховнииот суд во нејзината земја ја ослободи од смртна пресуда за богохулење, ако таа го сака тоа, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
– Ги преземавме неопходните чекори кај пакистанските власти, за да може таа да дојде во Франција доколку тоа е нејзина желба и желба на нејзиното семејство – изјави претставничка на Министерството.
Франција во својата Амбасада во Исламабад го прими и адвокатот на Биби, Сајфул Мулок пред да отпатува во Холандија што беше негова желба.
Биби во средата беше ослободена од затвор, и во моментов е на безбедна локација во Пакистан. Според некои извори, таа се наоѓа во Исламабад.
Асиа Биби, неписмена мајка на пет деца, беше во затвор осум години откако беше осудена на смрт поради навреда на исламскиот пророк. Пакистанскиот Врховен суд неодамна ја ослободи Асиа што предизвика големи протести што ги организираа тврдокорни исламистички групи кои бараат таа јавно да биде обесена.
Биби, 51-годишна жена земјоделец, беше обвинета за богохулење по несогласување со нејзини колеги муслимански работници околу вода за пиење. Биби наводно го навредила пророкот Мухамед откако нејзините колеги, со кои берела бобинки, одбиле да пијат од водата што таа ја носела, тврдејќи дека е валкана затоа што е христијанка. Тие потоа ја обвинија дека го навредила пророкот Мухамед, обвинение кое таа го негираше. Но, сепак, во 2010 година Биби беше обвинета и осудена на смрт.
Сопругот на Биби минатата недела побара азил за семејството во САД, Велика Британија и Канада. До сега неколку европски земји му понудија азил на семејството Биби, но сите се многу внимателни затоа што стравуваат од реакции против нивните дипломати во Пакистан.
Властите сепак соопштија дека Биби не може да го напушти Пакистан затоа што е поднесена петиција за ревидирање на судската одлука, која ја организирал адвокат радикален исламист.