Франција е најпосетуваната туристичка дестинација во светот, покажа извештајот на Светската туристичка организација при Обединетите нации за 2017 година. Лани во земјата пристигнале 86,9 милиони туристи.
По најпосетуваната Франција, на второ место за 2017 година е Шпанија (81,8 милиони туристи), а на трето место се САД (75,9 милиони туристи).
Од четврто до десетто место според посетеност изминатата година следуваат и: Кина, Италија, Мексико, Британија, Турција, Германија и Тајланд.
Повеќе од 1,3 милијарди луѓе патувале во некоја странска држава изминатата година, со што е забележан раст од 7 отсто во однос на претходната година.
Светската туристичка организација во најновиот извештај наведува дека во 2017 година во споредба со 2016 година, имало 84 милиони лица повеќе кои патувале со авион, брод или по копно за да посетат некоја меѓународна дестинација.
Исто така, забележан е и податокот дека туристите минатата година на патувањата потрошиле 1,6 илјади милијарди долари.
Извештајот на Светската туристичка организација покажува дека растот претставува највисоко зголемување од 2010 година наваму, пред се предводено од Европа и Африка, земји кои бележат раст на посети од странци за 8, односно 9 отсто.
Во однос на извештајот, Си-ен-ен травел забележува: „Едноставно кажано, многу од нас имаат повеќе пари за трошење на авионски карти“.
Растот не застанува тука. Расположливите информации за почетокот на 2018 година говорат дека имало зголемување на патувањата и во периодот од јануари до април годинава.
Информациите погоре се однесуваат на посетеноста, додека кога е во прашање потрошувачката на туристите, најмногу кеш тие оставиле во САД – 210,7 милијарди долари.
Во однос на тоа пак кои туристи најмногу трошеле во 2017 година, на врвот избиваат Кинезите – 257,7 милијарди долари.
На второт место се САД, чии државјани потрошиле 135 милијарди долари додека патувале во странство, а по нив следат Германците, Британците, Французите, Австралијанците, канаѓаните, Русите, Јужнокорејците и Италијанцитe.