Под мотото „Фраерски е да се чита – недела на кул книги во ТРИ“, издавачкиот центар ТРИ почна кампања за подигнување на читателската свест кај младите. Со богата двонеделна програма проследена со убав избор на повеќе дела за млади, од ТРИ очекуваат да ги заинтересираат младите за читање добри книги. Интересни настани збогатени со музика, средби на читатели и млади автори, промоции на книги – се дел од програмата која има за цел приближување на книгата до младите.
– Преку оваа акција ТРИ сака да им покаже на младите луѓе дека книгите нудат слобода на умот како што не нуди ништо друго. Дека јунаците од страниците се реални и живеат во секој од нив. Дека сите деца се херои ако веруваат во себе! Со оваа кампања нудат еден неограничен свет во кој сѐ е можно, ги поттикнуваат децата да веруваат во чуда и имаат за цел да ја разбудат креативноста во сите – велат од издавачкиот центар ТРИ.
Цитирајќи го славниот Нил Гејман, од ТРИ потенцираат дека не постои такво нешто како литература за деца и млади, туку оти има еден свет на фантазија во кој сѐ е можно и сите обични нешта имаат магија, само треба да ја препознаеш. Кампањата Фраерски е да се чита на Издавачкиот центар ТРИ почна вчера.