Магазинот „Форбс“ ја објави годишната листа на познати личности кои и после смртта заработуваат милиони, а број 1 повторно (шеста година по ред) е пејачот Мајкл Џексон. Џексон, кој почина пред девет години, и во 2017 година беше на прво место, а само оваа година неговата бруто заработка изнесува 400 милиони долари, најмногу од продажба на права.
Елвис Присли се најде на второ место, со оглед на тоа што заработката на сè што е поврзано со него во 2018 година изнесувала 40 милиони долари.
На трето место е легендарниот играч на голф, Арнолд Палмер, кој заработил 35 милиони долари.
Четврти на листата според остварени бруто приходи е авторот на серијалот за Снупи и Чарли Браун, Чарлс Шулц, кој заработил 34 милиони, додека петти е пејачот Боб Марли.
По нив, според заработката, следуваат доктор Сус, Хју Хефнер, Мерлин Монро и Џон Ленон
Од магазинот „Форбс“ посочуваат дека познатите личности кои веќе не се меѓу живите, вкупно заработиле 628 милиони долари, што е речиси двојно повеќе од минатата година, кога заработката изнесувала 312 милиони. Податоците се за приходи од 1 октомври 2017 до 1 октомври 2018 година, пред да се одбијат хонорарите за агенти, раководители, адвокати и извршители на имот.