Фондацијата отворено општество бара повлекување на пратеничкиот предлог за заменици директори во јавните претпријатија

ФФОМ смета дека со воведување уште една висока раководна позиција, само се зголемува обемот на проблемот, односно бројот на лица на високи раководни позиции кои се избрани во постапка која не е заснована на начелата на заслуги, зголемувајќи го ризикот од натамошна партизација на јавната администрација.

117

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) денеска побара итно повлекување на поднесената измена на Законот за јавни претпријатија со која се предвидува секој директор да има и заменик. Барањето, како што соопшти, е доставено до претседателот на Собранието, Талат Џафери, до пратениците Алекасандар Кирацовски, Благојче Трпевски, Реџаил Исмаили, како и до министрите за економија и за информатичко општество и администрација, Крешник Бектеши и Дамјан Манчевски.

ФООМ смета дека „воведувањето нови позиции кои не се неопходни, туку имаат за цел да служат за задоволување на партиските апетити, само дополнително ја еродираат довербата на јавноста во јавниот сектор. Со вакви решенија граѓаните плаќаат за нерационални трошоци, кои не го подобруваат квалитетот на јавните политики или јавните услуги“.

„Промената која се предлага не е планирана во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022, усвоена од страна на Владата. Стратегијата за реформа на јавната администрација е клучниот стратешки документ, кој е изработен во широк консултативен процес и кој треба да овозможи предвидливост на политиките во сферата на јавната администрација, предвидувајќи решенија кои се базирани врз информирана проценка на состојбите и поддржани од засегнатите страни. Стратегијата се очекува меѓу другото да придонесе кон деполитизација на јавната администрација, враќање на довербата на граѓаните во институциите, институционално реорганизирање и оптимизација на јавната администрација и воведување на одговорност, отчетност и транспарентност на институциите, раководните лица и вработените“, наведува ФООМ, образложувајќи зошто бара итно повлекување на измената.

Според ФООМ, наводниот проблем кој го адресира Предлог-законот (потребата заменик директор да го води тековното работење на јавното претпријатие во отсуство на директорот, наместо административно лице номинирано од директорот), не е проблем кој е детектиран ниту од страна на Министерството за информатичко општество, ниту од институциите од јавниот сектор или граѓанското општество кои учествуваа во изработката на Стратегијата, ниту пак може да се сретне во извештаите на Европската Унија и СИГМА. Напротив, Предлог-законот е во спротивност со заложбите на Стратегијата која го препознава проблемот на недостаток на јасно разграничување меѓу политичкото и професионално ниво.

ФФОМ смета дека со воведување уште една висока раководна позиција, само се зголемува обемот на проблемот, односно бројот на лица на високи раководни позиции кои се избрани во постапка која не е заснована на начелата на заслуги, зголемувајќи го ризикот од натамошна партизација на јавната администрација.

„Дополнително, оваа измена на Законот доаѓа во време кога е најавен процес на подготовка на Закон за висока раководна служба чија цел е да се постават јасни стандарди и критериуми, како и полна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на институциите во Македонија. Дури и да е оправдано воведување нови раководни позиции, иницирање на измените на Законот за јавните претпријатија на самиот крај на годината и инсистирање на нивно усвојување во скратена постапка, без системски пристап кој се очекува да биде воспоставен со новиот Закон за висока раководна служба, упатува на непостоење волја за измена на практиките кои доведоа до заробување на државата од партиите“- оценува Фондацијата Отворено општество.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...