Ако Албанија во јуни 2019 година не ги отвори преговорите за членство во Европска унија, според известувачот за Албанија во Европскиот Парламент, Кнут Флекенштајн, тоа ќе има негативни последици не само за регионот, туку ќе се изгуби довербата во институциите на Унијата.
Флекенштајн за транската телевизја „Клан“ истакна дека со извештајот што го подготвил за текот на реформите во Албанија, кој минатата недела доби согласност од ЕП, се бара да се испрати порака до Советот на министри на ЕУ.
– Клучната порака за Албанија е: Продолжете вака, но исто така има и некои точки каде што би сакале да видиме повеќе резултати. Но, беше исто така, упатена порака и до Советот на министри, дека ние се држиме до нашата одлука и ја поддржуваме Европската комисија да ги отвори преговорите и оти бараме од нив тоа да биде следната година. Ако ова не се случи, нема да има негативни последици само за регионот, туку и за европските институции. Ако тие се недоверливи, тогаш заборавете ги – посочи Флекенштајн.
Во однос на правосудниот систем и испразнетите работни места, известувачот за Албанија наведе дека процесот на проверка на потеклото на имотот и нивната вмешаност во криминални активности за обвинителите и судиите треба да продолжи, како и да се пополнат испразнетите работни места во овој систем.
– Јас разбирам дека е тешка ситуацијата, но тоа може да се случи во една ваква преодна фаза. Проблемите не можат да се решат сите одеднаш. За тоа е потребна трпеливост. Од друга страна, апсолутно е неопходно судовите и обвинителствата да функционираат и испразнетите работни места да бидат пополнети – потенцира Флекенштајн.
Инаку, повеќе месеци не функционираат Уставниот и Врховниот суд на Албанија, а недостиг на кадар се чуствува и во судовите и обвинителствата.