Фити: Намалените прогнози за економски раст се рекација на политичка криза

Претседателот на МАНУ смета дека и без новата политичка криза, не ќе можело да се реализираат 3,2 отсто раст прогнозирани од Владат.

92

Прогнозите за намалување на економскиот раст (2,5 отсто според Светска банка и 1,6 отсто според ММФ) се очекувани и се должат на оваа миниполитичка криза, смета претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.

– Во вакви ситуации се менуваат очекувањата на инвеститорите односно на економските субјекти. Тоа е круцијален факт за дефинитивно профилирање на стапката на економски раст. Одамна позната економска законитост е дека очекувањата многу влијаат. Бидејќи, ако нашите претпријатија и странските ивеститори очекуваат полоши времиња, политички тензии, тогаш, едноставно, луѓето не инвестираат. Ако дојде до политички избори, целата енергија, труд, напор, ќе се сврти кон изборите. За жал, кога имате политички избори, луѓето малку размислуваат за економија и бизнис, се воздржуваат и домашните, и странските инвеститори- изјави претседателот на МАНУ, која денеска одбележа 51 година од основањето.

Смета дека ќе биде подобро ако уставните измени поминат во Собранието и да се избегнат избори, со што, рече, ќе се избегнат и дополнителни трошоци и тензии.

– И да се свртиме кон евроатлатските процеси што се круцијални за Македонија. Нашето приближување кон НАТО ќе придонесе за голем прилив на странски директни инвестиции. ЕУ и НАТО испорачуваат стабилност – ако имате стабилност, работите си одат многу подобро – истакна Фити.

Сепак, претседателот на МАНУ смета дека и без новата политичка криза, не ќе можело да се реализираат 3,2 отсто раст прогнозирани од Владата затоа што, како што рече, прилично се задоцнило со капиталните инвестиции, проектите се стопирани и остануваат, рече, малку месеци за да се реализира планираното.

– Особено крупната инфраструктура и патиштата имаат брзи ефекти, дури и на краток рок. Тие ефекти во македонската економија поради големата увозна зависност на градежништвото не се толку големи колку во други високоразвиени земји. Но ако дојде до политички избори, треба да бидеме задоволни ако стигнеме со 1,6 – рече Фити.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...