Фиримите сместени во станови почнаа да купуваат струја на слободниот пазар. Но сѐ уште нема податоци колку се и колкави се нивните трошоци, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.
– Не знаеме како ќе биде. Уште е рано што било да кажеме, освен дека се работи за фирми кои целосно се снабдуваат на слободниот пазар – рече Бислимовски за МИА.
На денешната подготвителна седница на Комисијата ќе се разгледуваат правилата за доделување прекугранични преносни капацитети.
– Земјава ќе има заедничко доделување прекугранични капацитети со Бугарија и со Србија. Од овие правила што ги одобривме минатата година и сега, МЕПСО во текот на 2018-та и 2019-та приближно заработува 20 милиони евра годишно кои потоа, при определување на цената како зголемен приход на МЕПСО ги одземаме и поради тоа цената за пренос на електрична енергија се намалува две години по ред. Ќе видиме каков ќе биде трендот во 2020-та иако се очекува вака да продолжи – истакна претседателот на РКЕ.
Од 1 јануари годинава целосно е либерализиран пазарот на електрична енергија во земјава и сите потрошувачи, вклучувајќи ги и домаќинствата, можат да излезат на слободниот пазар.