На 23 и на 29 јуни, Филхармонија ќе реализира два концерта под заеднички наслов „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк со почеток во 21 часот, а во соработка со Младинскиот културен центар и со Град Скопје.
– Изминативе години имавме различни програми, секоја година се обидуваме да внесеме свежина, различни концепти, различна музичка естетика, жанрови, форми. Првиот концерт од двата во Градскиот парк е со музика од цртаните филмови со кои многу израснаа генерации. Музиката од Балтазар, Мечето Ушко, Козле Бозле, Ну Погоди сѐ уште е репер за супериорна звучна илустрација во сферата на анимираниот филм. Фантастичните аранжмани кои ги направи Владимир Николов и секако изведбата на нашиот оркестар ќе ја заокружат оваа музичка приказна под ведро небо во која искрено се надевам ќе уживаат сите кои ќе дојдат во Градскиот парк – истакна на денешната прес конференција, директорот на Филхармонија, Виктор Илиески.
Тој го најави и вториот концерт насловен „Љубов и револуција“.
– На овој концерт ќе прозвучат најпопуларните песни од сферата на поп-рок и панк музиката. Ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“… И двата концерта, овој в недела и следниот на 29 јуни се дел од програмата со која филхармонија излегува надвор од своите рамки со цел да привлечеме нова публика која потоа би доаѓала и на концертите во рамки на редовната програма. Овие концерти редовно ни регрутираат нова публика, очекуваме ист фитбек и од овие кои годинава ќе се одржат во Градскиот парк – истакна директорот на Филхармонијата.
На денешната прес конференција говореше и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој ги повика граѓаните на 23 и 29 јуни да дојдат во Градскиот парк и да ги проследат овие концерти кои како што кажа имаат голема емотивна вредност, посебно за генерациите кои израснаа со музиката која ќе прозвучи на двата настана.
– Овие концерти ќе ги спојат сите генерации, и оние постарите, но и помладите кои сега ја откриваат оваа музика. Концертот в недела со музика од цртаните филмови „Балтазар“, „Козле Бозле“, „Ну погоди“ ќе биде вистинско навраќање кон мирното и спокојно детство на многу генерации кои израснаа со овие анимирани серии – истакна градоначалникот Петре Шилегов.
Диригентот Џијан Емин (кој освен што ќе ги води двата концерти во Градскиот парк ги направи и аранжманите за концертот „Љубов и револуција“ на 29 јуни) истакна дека му е мило што и годинава му е дадена довербата да ги води концертите.
– Лани имавме светска премиера со Феми Кути, настан кој ги крена нашите очекувања и размислувања во кој правец да се движиме. Чувството на мир, слобода и среќа кои се врзани за времето кога бевме деца беше нашата примарна интенција за конципирањето на програмата на концертот „Ну погоди“. Сите кои ќе дојдат на концертот ќе ја почувствуваат магијата на оваа музика, и помладите и оние кои израснаа со овие цртани филмови – истакна Емин.
Тој најави дека не помалку возбудлив ќе биде и концертот на 29 јуни насловен „Љубов и револуција“.
– Љубовта е дел од секоја револуција, сакавме да ги споиме овие две нешта преку музиката на на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“… Ќе имаме и хор, кој заедно со оркестарот ќе и понуди на публиката специјално музичко и визуелно доживување – рече Џијан Емин.