Филхармонија вечерва со концерт ќе одбележи 60 години од раѓањето на Гоце Коларовски

86

„Ќе се разбудам ли пак?“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата со кој ќе бидат одбележани 60 години од раѓањето на композиторот Гоце Коларовски (1959-2006).

Насловот е извлечен од неговиот истоимен вокален циклус. Неговата „Симфонија“ ќе биде дел од програмата на концертот, а ќе прозвучат и дела од  Дебиси и Копланд.

– Музичкиот опус на Коларовски е автентичен и препознатлив и во него доминира суптилен израз кој вешто ротира околу современата естетика изградена на интересни созвучија. Звукот во делата на Коларовски речиси секогаш е проткаен со своевидна мистика, специфична оркестрација и особен акцент на динамиката и музичкиот колорит. Симфонијата за оркестар, солист и ансамбл баритони е негова дипломска работа и во неа можат да се почувствуваат никулци на она што подоцна во своето творештво ќе го развие како автентичен музички израз и јазик – соопшти Филхармонијата.

Солист во изведбата на ова дело ќе биде басот Владимир Саздовски, како и ансамблот баритони од хорот „ПроАрс“.

Под диригентската палка на Сашо Татарчевски ќе биде изведен и Концертот за кларинет и оркестар од Арон Копланд со настап на шпанскиот кларинетист Пабло Бараган, кого публиката ќе го слушне и како солист во изведбата на „Прва рапсодија за кларинет и оркестар“ од францускиот композитор Клод Дебиси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...