Филмот „Малмкрог“ на Берлинале, краткиот „Налепница“ на фестивалот „Санденс“

77

Најновиот филм на романскиот режисер Кристи Пују – „Малмкрог“ (Malmkrog), во кој нашата земја има малциснко учество, ќе ја отвори новата секција „Encounters” на 70. Берлински филмски фестивал. Главен продуцент е „Мандагора“ од Романија, а македонски партнер во проектот е продуцентската куќа, „Сестри и брат Митевски“.

Во копродукцијата на филмот, кој во официјалното соопштение од Берлиналето е наречен „патување низ времето и мислите, кој фасцинира со прецизност и инвентивност“, учествуваат и Србија, Швајцарија, Шведска и  Босна и Херцеговина.

– Своето најново филмско дело во кое се јавува и како сценарист, Кристи Пују го именува по село во Трансилванија и го заснова по книгата на Владимир Соловјев „Три разговори“, а е за војната, прогресот и крајот на историјата, соопшти Агенцијата за филм која финансиски го поддржа снимањето на филмот „Малмкрог“.

Македонската продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ со режисерот Кристи Пују соработуваше и беше копродуцент и на неговиот филм „Сиера Невада“ кој во 2016 година беше во официјалната селекција на престижниот Кански филмски фестивал. Овој романски режисер во 2004 ја доби „Златната мечка“ за краткиот филм „Кафе и цигари“.

Агенцијата за филм соопшти дека и годинава земјава ќе биде присутна на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм „Санденс“ од 23 јануари до 2 февруари, на кој е селектиран краткиот игран филм „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски.

– Според програмата за 39. издание на фестивалот, кој е основан од големиот актер и режисер Роберт Редфорд, „Налепница“ ќе игра во селекцијата: Меѓународни кратки играни филмови. Филмот на нашиот млад режисер Георги М. Унковски е селектиран меѓу 5000 пријавени за оваа програма, во која се избрани 74 филмови од 27 земји, информира Агенцијата за филм, потсетувајќи на минатогодишното издание на „Санденс“ на кој во селекцијата на документарни филмови од цел свет триумфираше „Медена земја“ со освоени три награди. Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов има две номинации за Оскар (документарен филм и странски филм) за свеченото доделување на престижната награда што ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...