Во рамки на програмата Warm Up на „Струмица опен фестивал“ вечер ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески. Проекцијата е бесплатна и ќе биде на отворено – на езерцето во Градскиот парк во Струмица.
Од премиерата на 9 ноември лани, филмот досега е прикажан на 23 светски филмски фестивали, од кои два беа од А-категорија. Филмот освои девет меѓународни награди, меѓу кои пет за најдобар филм.
„Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58-годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let’s CEE во Виена.
Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, а во останатите улоги настапуваат Аксел Мехмет, Диме Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски. Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.