Филип Хамонд: Смена на Меј нема да ги реши проблемите околу Брегзит

101

Британскиот министер за финансии Филип Хамонд денеска ги отфрли како неточни тврдењата на некои лондонски весници дека министри во Владата во Лондон „отворено се побуниле“ против премиерката Тереза Меј и дека ќе бараат нејзина смена и избор на привремен премиер, кој би ги завршил преговорите за Брегзит.

Хамонд оцени дека евентуална смена на Меј „на никаков начин нема да ги реши проблемите околу Брегзит“, признавајќи дека сепак Договорот за британското истапување од ЕУ, што Владата го постигна со Брисел, можеби нема да биде одобрен од Парламентот во Вестминстер.

Тврдењата за „бунт против Меј“ и „за обид за пуч во Владата“ ги отфрли и министерот за Брегзит Стивен Баркли, нагласувајќи дека премиерката „се уште раководи“ со Кабинетот.

Вицепремиерот Дејвид Лидингтон, кого медиумите го посочуваа како „можен наследник на Меј по пучот“, исто така, ги отфрли ваквите тврдења, нагласувајќи дека „100 отсто стои зад премиерката“.

Лидингтон, кој е познат по прекарот „Господин Министер“ во изјава за „Гардијан“ нагласи дека „не мисли оти има желба“ да биде нов премиер.

Некои британски медиуми денеска објавија дека 11 министри се подготвуваат да и се спротивстават на Меј и утре ќе побараат нејзина оставка.

„Сандеј Телеграф“ објави дека овие министри со тоа сакаат „да го спасат Брегзит“ и да спречат Парламентот да ја преземе контролата над овој процес.

„Сандеј Тајмс“, пак, објави дека најмалку шест министри сакаат вицепремиерот Лидингтон да ја преземе премиерската функција до редовните избори и утре на владината седница ќе и се заканат на Меј дека ќе поднесат оставки, доколку таа не се повлече.

Според весникот, во игра за наследник на Меј, покрај Лидингтон, се и шефот на дипломатијата Џереми Хант и министерот за екологија Мајкл Гоув.

Неименуван министер за „Сандеј Тајмс“ изјавил дека крајот на Меј е близу и дека таа ќе „се замине за 10 дена“.

Сепак, според „Гардијан“, изборот на 63-годишниот Лидингтон за нов премиер не би бил толку едноставен, имајќи предвид дека пред референдумот за Брегзит, тој од позиција на министер за Европа, се залагаше за останување на Велика Британија во ЕУ, поради што не би бил прифатлив за влијателното крило во Конзервативната партија што се залага за дефинитивен „развод“ со Унијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...