Филип Коснет: Косово и Србија да се соочат со „темните моменти во заедничката историја“

На денешен ден 1999 година, српските сили, во знак на одмазда за убиството на петмина полицајци од страна на Ослободителната восјка на Косово (ОВК), извршија масакр врз околу 370 албански цивили, машки лица на возраст од 14 до 60 години.

202

Американскиот амбасадор во Косово Филип Коснет, на денешното одбележување на Денот на исчезнатите лица во војната од 1998-99 година, порача дека одговорните за смртта на илјадници цивили треба да се изведат пред лицето на правдата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коснет во Меје, каде што се одбележа и 20-годишнината од масакрот во тоа село во близина на Ѓаковица, ги повика Косово и, како што рече, неговите соседи, да се соочат со „темните моменти во заедничката историја“, при што директно го посочи режимот на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

– Заради генерациите кои доаѓаат го поттикнувам народот на Косово и вашите соседи да прифатите и да разговарате директно за темните моменти во заедничката историја. За некого тоа ќе значи признавање на реалноста на кампањата за етничко чистење спроведена од режимот на Милошевиќ, што резултира со убиството и исчезнувањето на илјадници луѓе. Треба да се осигура дека одговорните ќе понесат целосна одговорност. За народот на Косово тоа треба да подразбира дека вие и вашата демократија ќе се придржувате на највисоките принципи и ќе осигурате дека ќе одговараат пред законот сите тие индивидуи кои извршија злосторства за време и по војната, и покрај горчливата реалност дека многу други виновници во некои други места до сега ја избегнаа правдата – рече американскиот амбасадор.

Тој им порача на Косово и на соседните земји дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат во нивните напори за градење мир, правда и напредок.

– Никој да не се сомнева во тоа колку е длабоко и цврсто пријателството меѓу САД и Косово. Американската поддршка во напорите за градење мир, правда и напредок за Косово и соседите на Косово, останува цврста. Посветеноста на Америка за иднината на Косово претставува ценето наследство за тие што загинаа за земјата да се стекне со слобода – истакна Коснет.

На чествувањето во Меје присуствуваше комплетниот државен врв на Косово, вклучително претседателот на државата Хашим Тачи, парламентарниот спикер Кадри Весели, премиерот Рамуш Харадинај, како и други јавни личности и политичари од власта и опозицијата.

Во тоа село во близина на границата со Албанија, на денешен ден 1999 година, српските сили, во знак на одмазда за убиството на петмина полицајци од страна на Ослободителната восјка на Косово (ОВК), извршија масакр врз околу 370 албански цивили, машки лица на возраст од 14 до 60 години.

Денот на исчезнатите лица денеска беше одбележан и во Приштина, каде што беа положени цвеќиња пред Обелискот на исчезнатите.

Вкупниот број на исчезнати во цело Косово, Албанци и Срби, според податоците на Црвениот крст, на „Хјумен рајтс уоч“ и на други меѓународни и домашни организации, е околу 1.650 лица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...