Британскиот совет и Младинскиот културен центар го најавуваат продолжетокот на фестивалот PlayUK кој ќе започне во петок 2 ноември, во 17.30 часот со панел дискусија на тема „Уметност -Четврта индустриска револуција”, на која гостуваат водечкиот стручњак во одделението за развој во BBC Јан Форестер, Сајмон Вилкинсон куратор и дигитален артист и Никола Узуновски уметник.
Ќе биде свечено отворена интерактивна дигитална изложба на која ќе бидат претставени најновите и најголемите достигнувања во полето на ВР и АР инсталации, видео игри, мобилни апликации и друго, која докажува дека видео игрите дефинитивно наоѓаат свое место покрај останатите уметности и дека нивниот потенцијал е динамичен и извонредно потентен.
Дел од програмата во Скопје ќе биде и работилницата Дневна соба од иднината, чиј домаќин е FACT,а ја истражува иднината на радиодифузијата.
Десетина креативци од дигиталните медиуми и експерти од Западен Балкан ќе бидат поканети да престојуваат во Скопје и да учествуваат во програмата.
Важен сегмент од фестивалот PlayUK Arcadia е внимателно селектираната музичка програма која ќе биде целосно бесплатна во текот на целиот викенд. Дури 12 имиња од македонската и светска клупска сцена ќе настапат во МКЦ од 2-4 ноември 2018 година.
Во петок од 19 часот ги имаме младите и извонредно талентирани млади диџеи Dejan Dexx и BerryQyat, кои неуморно пуштаат музика на различни локации низ државата и создаваат своја музика во рамки на Hauz колективот.
Истата вечер во МКЦ ја имаме и Chagall, продуцентка на електронска музика, композиторка, пејачка, изведувачка, иноваторка и корисник на интерфејсот на MI.MU ракавиците. Живиот настап на Chagall “Calibration” е физичка манифестација на нејзините продукции, а ги контролира сите електронски слоеви, вокални ефекти и интерактивни визуелни проекции со движењето на сопственото тело. Не смеете да ја пропуштите!
Програмата во петок кулминира со настапите на познатите македонски диџеи Game Over и Гоце САФ, кои подготвуваат специјални тематски диџеј сетови со музика од култни видео игри.
Музичкото мени во сабота започнува повторно во 19 ч. а него го зачинуваат две дами диџејки од Скопје, добро познатите Виолета Качакова и Соња Исмаил, кои се подолго време присутни на сцената и веќе имаат сериозна љубовна врска со клупската публика.
По нив настапува Нино Наумов, еден од најреномираните македонски диџеи кој е активен повеќе од 2 децении.