Фестивал на македонско-турските пролетни веселби Х’дерлез, дел од листата на УНЕСКО

270

Во валандовското село Чалакли денеска беше отворен 27.Меѓународен фестивал Пролетни веселби во чест на празникот Х’дерлез. Во декември 2017 година овој настан УНЕСКО го запиша во Репрезентативната листа за нематеријално културно наследство, по заедничката апликација на Република Македонија и Република Турција.

На отворањето на фестивалот денеска присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, други претставници на македонската Влада, на локалната самоуправа, ополномоштен претставник од УНЕСКО од Турција, претставници на турската амбасада, на културно-уметнички друштва на двете земји и други гости.

– Ете ова е нашата убава Република Македонија. Овде сум, во валандовско Чалакли и ќе речам: Да е Честит Х’дерлез, среќа и бериќет за сите. Да бев во скопско Шуто Оризари, ќе кажев: Да е честит Ѓурѓовден, и пак со истата желба, среќа и берикет за сите. Можам да кажам и: Нека е честит Денот на Свети Ѓоргија, што се чествува во многу семејства во Македонија. Што и да кажам, нема да згрешам. Еве го нашето едно општество – на дело – рече премиерот Заев во воведното обраќање.

Заев додаде дека овој спој на различности, обичаи, старини, традиции, бои, вкусови во Македонија – е Европа во мало и ова, непроценливо културно – историско богатство, Република Македонија е подготвена да го сподели со Европската унија, кон каде што стремиме како граѓани и како држава.

– Ќе им додадеме вредност на ЕУ и на светот, знаат и тие. Затоа што Република Македонија докажа, како, ако се има желба да се сака, живее и работи заедно – може, рече премиерот.

Тој изрази благодарност до УНЕСКО што организацијата го препозна значењето на Хид Бах Шен фест, како што е називот на настанот и ја прифати мултинационалната апликација.

За прв пат, оваа 2018 година, Х’дерлез во Чалакли, Република Македонија се организира под покровителство и на УНЕСКО.

– Ова заедничко организирање е порака за продлабочување на културната соработка меѓу Македонија и Турција на дело – рече Заев.

Според него, во високите приоритети на Владата е изградбата на општество еднакво за сите што вклучува и овозможување еднакви културни права за сите.

– Од Чалакли ја испраќаме пораката до светот дека се остварливи заложбите на УНЕСКО за поедноставно решавање на секојдневните животни предизвици, низ јакнење на интеркултурниот дијалог и унапредувањето на меѓународната соработка – порача премиерот Заев.

На Пролетните веселби во Чалакли што традиционално ја слават пролетта, а жителите си посакуваат богат род и благосостојба во семејствата се обрати и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

– Оваа мултинационална апликација што ја поднесовме со Република Турција, како и другата успешна апликација за впишување на обичајот „Мартинки“ во листата на УНЕСКО на која работевме заедно со институциите на Бугарија, Романија и Молдавија, претставуваат вистински патоказ за правецот во кој треба да се развива регионалната соработка – рече Алаѓозовски.

Културата е поле преку кое најдобро се изразуваат верувањата, светогледите, потребите во општествениот живот. Како што рече тој, културата на помалубројните заедници е големо богатство на Македонија, таа заслужува почит.

Градоначалник на Валандово, каде се одржа настанот со меѓународно значење, Перо Костадинов, порача дека општината ќе продолжи да ги поддржува вековните традиции.

– Ќе ги поддржуваме различностите, како низ овој настан, со тоа покажуваме дека како народи цивилизациски сме израснале, рече Костадинов.

Претседателот на фестивалот, Шенол Тахир истакна дека манифестацијата почнала пред 30 години, како Панаѓур, а денес е под заштита на УНЕСКО. Негова порака беше дека ако нешто се сака, дека во тоа може да се опстои и да се постигне успех.

Според претседателот на организацијата МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин настанот во Чалакли е слика за мултикултурализмот во Република Македонија.

Ополномоштениот претставник од УНЕСКО од Турција, Метин Екиџи, рече дека значењето да се биде на оваа листа на УНЕСКО, значи даден збор пред светската јавност дека ќе го развиваме и чуваме ова заедничко добро.

На Пролетните веселби во чест на Х’дерлез во Чалакли, валандовско, настапија културно – уметнички друштва од Македонија и од Турција, како и други земји од регионот. Имаше изложба на стари, традиционални јадења и фотографии, беа доделени плакети, а беше врачен и Сертификатот од УНЕСКО со којшто Пролетните веселби во Чалакли се признаени од оваа светска организација за заштита на културното наследство, во листата нематеријално културно наследство на човештвото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...