Чешкиот премиер Андреј Бабиш категорично одби, во знак на солидарност со Европската унија и раселувањето на бегалците од Германија, неговата земја симболично да прими 50 сирачиња од Сирија, кои во војната ги изгубиле родителите.
Во саботното (денешно) викенд- издание на дневниот весник ,,Право” Бабиш изјави дека тој ,,влегол во политиката пред сѐ да се грижи за чешките граѓани” и запраша: ,,кога сме веќе кај тие сирачиња, зошто некој ја игнорира војната во Украина? Зарем таму нема сирачиња?”
,,Миграцијата во Германија едноставно не беше успешна. И затоа е важно Европа да испрати јасен сигнал дека е фајронт, дека веќе не прима никакви мигранти, дека не прима ни бродови, а тие кои ќе испловат ќе мораат да се вратат”.
Во врска со тоа, Бабиш во критичка конотација ја спомна изјавата на францускиот претседател Макрон, дека ако испловат, мора да се распределат мигрантите.
Во опширното интервју, чешкиот премиер најави дека до Нова година ќе се предложи нов закон за странците, чија цел треба да биде и странските работници кои дошле во Чешка легално, на повик на овдешните претпријатија, да не можат да останат трајно. Притоа Бабиш рече дека Чешка издава годишно околу 28.000 работни визи и дека тие треба да си се вратат дома, кога ќе престане потребата од нив. Некакво предимство ќе имаат оние кои ќе засноваат семејство со државјанин на Чешка.
Во врска со ова интервју на Бабиш внимание во Прага привлече изјавата на Вера Јоурова, еврокомесарка за правда, инаку член на Партијата на Бабиш АНО, која предупреди дека таквите изјави на Бабиш се проблематични и од гледиште на меѓународното право, чијшто дел е и Чешка. Ова е прво јавно спротивставување на Бабиш од член на неговата партија на висока функција во Брисел.