Фатумата Дијавара на 18. OFFest

175

Потврдено е првото име од програмата на OFFest 2019 – неприкосновената африканска дива Fatoumata Diawara. Една од водечките и најекспонираните претставнички на модерната африканска музика, Фатумата Дијавара со гордост го почитува и негува богатото музичко наследство на Мали и воопшто Африка, но со сопствена визија за иднината, оригиналност, инвентивност и подготвеност за експериментирање.

Нејзиниот спектакуларен деби албум “Fatou” (2011) ја лансираше како една од најатрактивните и највозбудливите нови ѕвезди на африканското музичко небо. Вториот албум “Fenfe” (2018) само ги потврди нејзините несомнено високи артистички, композиторски, пејачки и свиречки квалитети и го зацврсти статусот на една од најхаризматичните појави на африканската музика денес.

Иако млада, таа веќе има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика: Херби Хенкок, Боби Вумек, Пол Макартни, Дејмон Албарн, Роберто Фонсека, Амаду и Мариам, Уму Сангаре, Тумани Дијабате и други. Позната е и по своите улоги како актерка во неколку филмови (меѓу кои наградуваниот „Тимбукту“), но и по својот општествен ангажман и активизам. Концертот на Фатумата Дијавара во Скопје е закажан за 5 јуни, а информациите за местото на одржување и билетите ќе бидат објавени дополнително.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...