Европските избори во мај 2019 се ближат и со тоа, набргу, треба да започне и изборната кампања ширум Европската Унија за обновување на Европскиот Парламент. Од резултатите на овие избори ќе зависи и назначувањето на следниот претседател на Европската Комисија. Во бриселските кулоари повеќе имиња кружат, но неколку од нив се фаворити.
Како и во 2014, европските избори идната година повторно треба да се одвиваат по системот на „Шпиценкандидати“. Овој систем, воведен пред четири години, има за цел да ги направи европските избори подемократски и поблиски до граѓаните.
Конкретно, сите политички групи треба да изберат кандидат на врвот на нивната изборна листа кој, доколку партијата победи на парламентарните избори во ЕУ во мај, треба биде назначен за претседател на Европската Комисија. Жан Клод Јункер, сегашниот претседател, беше Шпиценкандидатот на Европската Народна Партија (ЕПП), која освои најмногу седишта на изборите во 2014.
Европскиот Парламент во февруари изгласа резолуција во која децидно порача дека „нема назад“ од системот на Шпиценкандидати и очекува од политичките партии да ги назначат во текот на кампањата. На оваа логика се противат неколку европски лидери, меѓу кои и Емануел Макрон.
Повеќе имиња кружат, но некои почесто од другите.
Мишел Барние
Несомнено главен фаворит, Мишел Барние, поранешен еврокомесар и министер во својата родна Франција, е сегашниот шеф на европскиот преговарачки тим за Брегзит. Како член на Европската Народна Партија, која се очекува да биде победник на изборите во 2019 според анкетите, Барние, доколку биде назначен, има најголеми шанси да стане следниот шеф на ЕК. Ова е заклучокот и на анкета на тинк тенкот “Воут Воч“ во април: 37 отсто од функционерите и дипломатите во ЕУ сакаат Барние да биде следниот шеф на ЕК, како награда за неговата успешна работа во процесот за Брегзит.
Сегашниот еврокомесар за буџет, Гинтер Етингер, исто така потврди дека Барние “е сигурно еден од многу сериозните потенцијални Шпиценкандидати за ЕПП“.
Но, неговата популарност е и неговиот најголем проблем. Имено, во Франција две партии му се додворуваат, од кои едната е партијата на претседателот Емануел Макрон, која сѐ уште не одбрала европско политичко семејство.
Барние е член на демохристијанската партија “Републиканци“, која е членка на ЕПП. Доколку неговата амбиција е да стане претседател на ЕК најбезбедно сценарио за него е да биде кандидиран од сопствената партија.
Но, ЛРЕМ, центристичката партија на Макрон, идеолошки најблиска до Либералите на АЛДЕ, сѐ уште работи на создавање сојузи во пресрет на следните европски избори, а Макрон, како и други европски лидери, не се големи поддржувачи на процесот на Шпиценкандидати. Нивните членови сметаат дека следниот претседател на ЕК ќе треба да гради компромиси со повеќе политички партии и дека политичката припадност не е клучна. Став кој несомнено ќе се судри со барањата на Европскиот Парламент, во потрага по подемократски процеси и граѓански легитимитет.
Барние од своја страна за сега нема намера да ја напушти неговата политичка партија, но не ги потврдува претседателските амбиции. Во разговор со весникот Ле Монде тој изјави дека е фокусиран на преговорите за Брегзит, но дека има намера да остане целосно вклучен во европскиот политички живот, можеби преку пратенички мандат во ЕП.
Кристин Лагард
Сегашната претседателка на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ), Кристин Лагард, има повеќе предности: Французинка со меѓународн искуство и беспрекорно познавање на англискиот и други јазици, жена, идеолошки блиска до ЕПП и, пред сѐ, кандидатка за која се вели дека ужива големи симпатии кај Ангела Меркел.
Лагард се споменува како можен фаворит сѐ почесто, а во анкетата на „Воут Воч“ доаѓа на трето место со 13 отсто гласови во европските кругови. Но, улогата на ММФ во финансиските кризи на Грција и други јужноевропски држави би можела да биде и нејзиниот најголем хендикеп, како и тоа што не е член на партија.
Според експертите, шансите Лагард да биде номинирана на изборна листа се мали, но поголеми се шансите да биде назначена за претседателка на ЕК како компромисно партиско решение по изборите во мај. Но не е исклучено и да го замени Марио Драги на чело на Европската Централна Банка.
Маргрет Вестагер
Втор најголем фаворит по ред, Маргрет Вестагер е сегашната еврокомесарка за конкуренција од Данска, и за неа се вели дека ужива голема поддршка кај Емануел Макрон. Вестагер, како Барние, ја изгради својата репутација врз успешноста во својата функција.
Како комесарка за конкуренција во Европската Унија, Вестагер се прослави со отворање судски постапки против гигантите на Силиконската долина, од Епл до Гугл, данската комесарка е решена да спречи секакви прекршувања на правилата на конкурентност на европска територија, што ја прави честа мета на американскиот претседател Доналд Трамп. Претседателот ја обвини Вестагер за “омраза“ кон САД и ја нарекува “Госпоѓа данок“. Прекар кој и одговара на Данкињата: „Жена сум и со даноци се занимавам, оваа реченица е стопроцентно точна“, изјави Вестагер на прес конференција неодамна. А со оглед на трговските тензии со САД, нејзината улога станува сѐ поважна.
Но, Вестагер за сега не потврдува дека има претседателски амбиции и вели дека е фокусирана на работата.
Како членка на АЛДЕ, нејзините шанси да стане претседателка на ЕК според системот на Шпиценкандидати се ниски бидејќи Либералите во најдобар случај можат да освојат трето место на изборите. Сепак, како компромисен кандидат, по желбата на Макрон и неговите сојузници, Вестагер е на високо место меѓу фаворитите. Во анкетата на “Воут Уоч“, Данкињата е на второ место по Барние, но пред Лагард, со 14 отсто гласови.
Федерика Могерини
Нејзиното име сѐ поретко се споменува, иако долго време се сметаше за можен фаворит. Сегашната висока претставничка за надворешни работи повеќе не ужива поддршка од сопствената влада, откако во Италија на власт дојде коалицијата на популистичката „Пет Ѕвезди“ и екстремната десница „Лига“, но Могерини останува препознатливо лице на ЕУ и популарен политичар во Европа. Како припадник на европските социјал-демократи не е сосема исклучено да биде номинирана од нејзината политичка група, иако без национална поддршка шансите се намалени, а како компромисно пост-изборно решение неизвесно е дали би била доволно силна наспроти Вестагер, доколку Вестагер, се разбира, прифати таква фунцкија.
Други имиња се спомнуваат во процесот на Шпиценкандидати. Кај ЕПП, Јирки Катаинен, Александар Стуб, Енда Кени, и Урсула Вон дер Лајен, а кај Либералите Ги Верхостат.
Во секој случај многу ќе зависи од исходот на изборите во мај 2019, каде се очекува напливот на популистички партии да го поремети традиционалниот партиски баланс во Европскиот Парламент. И покрај тоа ЕПП би требало да остане прва сила, а Социјалистите втора, но со помал број пратеници од сегашниот, иако важно е да се напомене дека напуштањето на Велика Британија ќе доведе до редистрибуција на пратеничките места кон земји кои се сметаат за нерамномерно застапени. Таков е случајот со Франција која ќе премине од 74 на 79 пратеници, на пример.
Освен позицијата претседател на ЕК, други клучни функции ќе се доделуваат како претседател на Европскиот Совет, висок претставник за надворешна политика, претседател на Европскиот Парламент и на Европската Централна Банка.
Секоја од европските политички групи ќе одржи конгрес каде ќе ги назначи своите кандидати за претседател на ЕК.
ЕПП: 7 и 8 ноември 2018 во Хелсинки
Европски Зелени партии: 23 и 25 ноември 2018 во Берлин
Европски Социјалисти: 7 и 8 декември 2018 во Лисабон
Европски Либерали: Февруари 2019
Европските избори ќе се одржат во цела ЕУ меѓу 23 и 26 мај 2019.
ФОТО: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ