Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2018 година чија вредност изнесува 97 милиони евра што е 17 милиони евра, односно за 21 отсто повеќе од 2017 година.
Базата содржи податоци за сите 3898 договори за јавни набавки што локалните власти ги склучиле со 1331 фирма.
На врвот според договорите за јавни набавки останува Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42 отсто, односно за 4,2 милиони евра. Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра. Град Скопје, како најголема единица на локалната самоуправа троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно, а 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини.
Фабрика „Карпош“ од Скопје му го презеде приматот на „Пуцко Петрол“ според вредноста на добиените тендери од општините во 2018 година. Во топ-трите фирми влезе и „Пелагонија“ од Гостивар, а „Бауер БГ“ го сочува местото во врвот кое го има со години наназад. И во 2018 година има висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините. Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од цели 22 отсто во вкупната вредност на тендерите на општините, додека првите 20 фирми, држат дури една третина од вредноста на набавките.
Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните четири години.
Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.