УЈП: Можни се прекини на електронскиот систем за ГДП

272

Краткотрајниот прекин на електронскиот систем за генерирање и доставување претпополнети даночни пријави (ГДП), како оној што се случи денеска од 9,30 часот до 10,30 часот, не нанесува штета на правото на корисниците, односно на граѓаните кои се регистрирани бидејќи тие ќе можат да ги потврдат или коригираат претпополнетите ГДП заклучно со крајниот рок 31.05.2019 година.

Според УЈП, со цел да се обезбеди непречено генерирање и доставување претпополнети ГДП, можно е во текот на процесот да се појави потреба од привремена интервенција поради што кус временски период системот е-Персонален данок (е-пдд) за време на интеревенцијата е недостапен, но потоа системот е повторно во функција. 

УЈП ги квалифкува како шпекулации и ги отфрли како невистинити информациите во јавноста за евентуални парични казни доколку граѓаните не одговорат на претпополнетата ГДП.

– Ја информираме јавноста дека со новиот начин на доставување на Годишната даночна пријава на граѓаните им е овозможено да  учествуваат во постапката за утврдување на персоналниот данок, во соработка со Управата за јавни приходи. Граѓанинот, доставената Годишна даночна пријава треба да ја провери, од аспект на точност на прикажаните податоци во корелација со примените годишни приходи од земјата и странство. Доколку истите се соодветни, односно одговараат на реално остварените приходи, граѓанинот може да ја потврди Годишната даночна пријава, но може и да не постапи по неа. Доколку не ја потврди Годишната даночна пријава, службено ќе биде потврдена – наведуваат од УЈП.

Управата за јавни приходи во 2019 година прв пат до граѓаните доставува претпополнети Годишни даночни пријави за 2018 година по електронски пат, како дел од реформата Поедноставување на процедурите за пресметување и пријавување на персонален данок на доход. Оваа реформа, како што и е насловена, има за цел да обезбеди поедноставни процедурите за пресметување и пријавување на персонален данок на доход, намалување на турканиците, заштеда на време, пари и ресурси, како и повисоко ниво на услуги кон граѓаните. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...