Управата за јавни приходи (УЈП) до петок ќе даде налози за отпочнување контроли кај физичките и правните лица поврзани со случајот „Рекет“, најави денеска директорката на УЈП Сања Лукаревска.
– Ќе постапиме во делот кој се однесува на даноците. До петок би требало да ги дадеме налозите за отпочнување на контролата во Меѓународниот сојуз, 1ТВ, БМЈ груп и сите останати даночни обврзници за кои преку анализите сме утврдиле дека постоеле одредени деловни односи и соработка. Ќе направиме и контрола на сите засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз за кои ќе ги утврдиме и исплатите кои се правени – рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во УЈП.
Таа прецизира дека физичките лица ќе бидат контролирани по основ на остварените приходи и по основ на Законот за персонален данок, а останатите даночни обврзници преку ДДВ, данок на добивка, пресметки, деловни односи, задржан данок,…
– Преку исплатите што ги правел Меѓународниот сојуз ќе видиме на чија сметка од физичките лица се легнати тие пари и дали воопшто се пријавени. Доколку се утврдат даночни затајувања УЈП ќе започне постапки за потекло на имот – посочи Лукаревска.
Директорката на УЈП информираше дека при вчерашната контрола на дуќаните во Пластичарката улица и во Општина Чаир, постапувајќи по пријава на граѓани за нерегуларности со фискалните сметки, била извршена контрола на фискалните апарати кај 42 даночни обврзници.
– Кај 12 даночни обврзници се констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања. Од нив девет не издавале фискални сметки, еден не поседувал фискална опрема, а два не воделе книга за дневни финансиски извештаи. Во два објекти констатирано е дека физичкото лице врши дејност трговија, без регистрирана фирма – рече Лукаревска и додаде дека против нив се преземени соодветни мерки.
Потенцира дека во Пластичарската улица се заклучувале објектите откако ги виделе возилата на УЈП со што биле оневозможени да извршат контроли. Во објектите каде извршиле контроли нашле на добра соработка од вработените.
УЈП досега спроведе контроли и во Дебар, Кичево, Струга, Охрид, Тетово, Гостивар, Струмица, Куманово, Крива Паланка, Дојран, Гевгелија, Прилеп и во повеќе скопски општини. Предмет на контола биле и повеќе фестивали во Охрид, Прилеп, Дојран, Струмица и Струга каде Управата делувала превентивно.
Директорката информираше дека за речиси три пати е зголемен бројот на пријавите за неправилности и неиздавање на фискални сметки од страна на граѓаните со воведувањето на мерката за поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ. Од 1 до 20 август се регистрирани 97 пријави за неиздвање сметки, а лани во овој период имало само 26. Од 1 јули со стартот на Мој ДДВ до сега се поднесени вкупно 310 пријави, а во истиот период лани 112. Најголем дел од нив се за Скопје, поточно за Општина Чаир и за Охрид и Струга.
Заклучно со вчера бројот на скенирани фискални сметки е 12.371.552 со кои е остварен промет од 6.360.382.050 денари за кои вкупниот ДДВ изнесува 690.603.831 денар, а повратот од 15 отсто е во износ од 103.590.575 денари.
– Веб апликацијата „Мој ДДВ“ преку која граѓаните ќе имаат детален увид за се што скенирале изминатиот период, како и колку поврат може да остварат е веќе изработена и тестирана и ќе биде пуштена во употреба. Преку неа граѓаните ќе можат да ги повлечат, односно да ги поништат погрешно скеираните фискални сметки – потенцира Лукаревска и апелираше дел од поголемите супермаркети, за кои граѓаните се жалат дека не можат да ги скенираат сметките, бидејќи се бледи, да ги сервисираат своите фискални апарати.