УЈП без налог ќе гледа во сечија банкарска сметка

Премиерот Зоран Заев вчера ги смируваше граѓаните дека парите што ги добиваат од своите семејства во странство нема да се оданочуваат.

1283

Во тек е еден подолгорочен процес, со кој дозволените плаќања во готово ќе бидат за сѐ помал износ, а контролата на даноците сѐ поголема. Дел од тој процес, како што објаснува Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници, се и новите измени на Законот за банки, кои се подготвени уште во април, но кои сѐ уште не се нашле пред пратениците во Собранието.

Токму овие законски измени деновиве станаа една од главните теми во јавноста. Законските измени се толкуваа како целосна можност на УЈП да гледа во банкарските сметки на граѓаните, а се критикуваше и тоа што на ваков начин нема да постои банкарска тајна. Од УЈП, пак, во повеќе наврати повторија дека тие и досега имале право да гледаат во банкарските сметки, а дека сега тоа ќе се прави за да ја пополнат даночната пријава за персоналниот данок. Како што е познато, во 2019 година место граѓаните да пополнат годишна даночна пријава за персонален данок на доход, УЈП тоа ќе го направи за нив. „Персоналецот“ се плаќа за кирии, договори на дело, авторски хонорари…

Но Гацов објаснува дека меѓу старото законско решение и новото има значителни измени. Со старото, кое сè уште важи, УЈП може да гледа во банкарски сметки, ако за тоа има писмено барање или ако се води даночна постапка, а со новото решение, УЈП тоа ќе го прави за секој обврзник на персонален данок на доход, по автоматизам.

– Ако УЈП треба да пополнува даночна пријава место граѓаните, тогаш треба да добијат алатка за да го контролираат тоа што сме го пријавиле. Притоа, УЈП тоа ќе го прави по автоматизам за сите шифрирани приходи што подлежат на персонален данок на доход – вели Гацов.

Според него, во јавноста се прошириле многу неточни информации.

Оние шифрирани приходи што не се предмет на персонален данок на доход, како на пример дознаки од странство, не се предмет на проверката по автоматизам – дециден е Гацов.

И премиерот Зоран Заев вчера ги смируваше граѓаните дека парите што ги добиваат од своите семејства во странство нема да се оданочуваат.

– Увидот во банкарските сметки од страна на УЈП е да се намали даночната евазија – изјави Заев.

Консултантот Горан Рафајловски во изјава за ТВ Сител рече дека со овие законски измени, за државата, ќе стане сомнително секој девизен трансфер од роднините што живеат и работат во странство. Оваа изјава предизвика лавина негативни реакции кај граѓаните.

– Проблематични ќе бидат средствата што децата што работат во странство, им ги испраќаат на родителите. Или некои такви средства што не припаѓаат на системот на оданочување. Луѓето ќе треба да ги докажуваат, дека тие приходи всушност се приходи од нивни блиски роднини што се дадени како подарок. Тоа важи исклучиво за прво колено, сè друго се оданочува – рече Рафајловски.

Банкарите негодуваа уште во 2015 година кога се донесоа тогашните законски измени, со кои се прошири бројот на институции што може да бараат од нив податоци за сметките на клиентите.

Весна Дамчевска, Слободен печат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...