Управата за јавни приходи (УЈП) денеска информира дека апликацијата „МојДДВ“ е безбедна за преземање и инсталирање со цел граѓаните да го остварат правото на поврат на 15 отсто од платениот ДДВ. УЈП ги уверува граѓаните дека нивните податоци се максимално заштитени и без да стравуваат да ја преземат апликацијата којашто е поставена и на нивната веб- страна http://www.ujp.gov.mk.
„Во врска со одредени реакции поврзани со наводно нарушување на безбедноста на личните податоци при инсталирање на апликацијата „МојДДВ“, Управата за јавни приходи известува дека апликацијата е безбедна за преземање и инсталирање со цел граѓаните да го остварат правото на поврат на 15 отсто од платениот ДДВ. Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се е-маил адреса и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од каква било злоупотреба“, се наведува во соопштението од УЈП.
Апликацијата „МојДДВ“, како што посочуваат од Управата, граѓаните ја преземаат од Google play store, сервис на мултинационалната компанија Google која има строги критериуми од безбедносен аспект како за самата компанија, така и за корисниците на сервисот.
„При симнување на апликацијата не се бараат никакви податоци. Единствено се бара дозвола за користење на камерата. При употреба на апликацијата е потребно да се најават на системот на УЈП и се користи постојното корисничко име и лозинка. Се користи безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП. Во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци освен трансакциската сметка која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа“, се посочува во соопштението од УЈП.