Уште не сме Шведска? Да не ти се верува…

И зошто сега вака, дами и господо другари? Зошто вакви бесрамни злоупотреби? Зошто медиумите и јавноста би требало да ги толерираат? Заради референдумот? Заради некоја друга „повисока“ цел? Заради оптимизмот? Зошто дечкиве на власт, во името на тие исти „повисоки“ цели, едноставно, не престанат да крадат и да вршат злоупотреби? Зошто инволвираниот полициски функционер веќе не е разрешен? Зошто не реагираат министерот и премиерот? Што се чека? Што стана со „убавината на транспарентноста“?

6484

Луѓе мои, не знам за вас, ама јас сѐ потешко разбирам некои нешта…

На социјалниве мрежи врие од коментари на борците против „дефетизмот“ во нашите редови, во врска со скандалот со полицискиот џип, кој на 2 август „залута“ во камп во Грција. Порано коментарите и нападите на апологетите на власта само ме зачудуваа, но сега веќе многу сериозно ме загрижуваат. Зашто, така речи нема ден без некој скандал, а одбраната на злоупотребите и на корупциското поведение станува сѐ поагресивна.

За да си ја разбијам нервозата, решив малку да се пошегувам. Напишав ваков статус: „Што е важно кој го возел џипот на МВР во Грција? Само да се критикувало… Вие сакате Грујо да сe врати?“. Кога оп, една пријателка, во коментар, ме прашува: „Ова ти е сериозно или иронично?“. Да, ова ми е иронично, ама штом иронијата не се препознава, работава очигледно станала многу сериозна.

Апологетите на власта смислуваат севозможни оправдувања за еден очигледен скандал. А што ако полицискиот „ренџ ровер“ навистина бил службено во Грција? Нема докази дека возел ќерка на функционер на МВР! Од каде знаете дека бил во кампот Евридики? Можеби веста е лажна! И што ви текна баш сега, пред референдум? Мојот омилен коментар е следниов – па не сме Шведска!

Дајте, бре луѓе, опулете се веќе еднаш!

Да бил џипот навистина службено во Грција, МВР ќе соопштеше детали и ако веста беше лажна, ќе беше закопана за еден час. Но, МВР лиферува различни, збунувачки соопштенија. Знаете ли зошто? Затоа што не знаат дали има уште фотографии како онаа, на која џипот е фатен ин флагранти, на граничниот премин Богородица. И затоа што се кабаетлии, а сакаат да ја избегнат одговорноста.

Во секоја нормална демократска земја – во спомнатата Шведска, на пример – една ваква вест би била на насловните страници на весниците и во ударните вести на телевизиите и на порталите. Цивилизираниот свет се бори против секој облик на злоупотреба на власта и го промовира принципот „нулта толеранција за корупцијата“. И луѓето што сега се на власт во Македонија, додека беа во опозиција, се фалеа дека ќе се борат против корупцијата по истиот принцип. Сте заборавиле?

И зошто сега вака, дами и господо другари? Зошто вакви бесрамни злоупотреби? Зошто медиумите и јавноста би требало да ги толерираат? Заради референдумот? Заради некоја друга „повисока“ цел? Заради оптимизмот? Зошто дечкиве на власт, во името на тие исти „повисоки“ цели, едноставно, не престанат да крадат и да вршат злоупотреби? Зошто инволвираниот полициски функционер веќе не е разрешен? Зошто не реагираат министерот и премиерот? Што се чека? Што стана со „убавината на транспарентноста“?

Ах да, заборавив, се чека да станеме Шведска… Па после и ние ќе се однесуваме како Швеѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...