Со нов анекс на Договорот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид со кинески „Синохидро“ се очекува да се интензивираат градежните активности на терен и ќе се овозможи исплата на домашните компании ангажирани како подизведувачи. Најавено е дека ќе се ослободат 205 милиони евра од претходно обезбедените пари за проектот.
Предлог-закон за нов анекс на Договорот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид донела денеска Владата.
Предвидено е и склучување на уште еден, трет анекс на Договорот кој би се склучил следниот месец. Со него треба да се утврдат цените за дополнителните градежни работи неопходни за одблокирање на проектот што беше во застој поради низата проблеми.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по денешната седница на Владата најавија дека законот уште денеска ќе биде испратен во Собранието.
– Со овој Предлог закон завршуваме работа за два момента, едниот дел е да продолжи изградбата на сегментите каде е застаната, а вториот е да може да се вршат плаќањата на кинеската компанија кон другите компании кои работат – рече Сугарески.
Договорено е „Синохидро“ да се откаже од најавените жалби, а услов за македонската страна со преговарите кои се во завршна фаза е значително намалување на разликите во цените со подизведувачите.
– Од она што го имавме како евиденција цените коишто се плаќани од страна на нашите претпријатија кон „Синохидро“, а понатаму за истите тие работи кај што работеле подизведувачите што „Синохидро“ ги платил кон македонските подизведувачи, во просек има разлика во цената од 56 отсто. Тоа е така направено во основниот договор, а ние тоа не можеме да го продолжиме – рече Анѓушев.
Се очекува тие разлики да се намалат до 10 отсто.
За изградбата на автопатската траса во должина од 57 километри ќе треба да се примени целосно нова технологија за изградба на тунелот кај Врбјани во должина од четири километри, ќе треба да се градат девет нови клучки и регионални патишта со оглед дека со постојниот проект не е предвидено поврзување на околните населени места со автопатската делница.
Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година и според постојниот договор требаше да чини околу 400 милиони евра. Со продолжувањето на рокот за изградба автопатот треба да биде готов до средината на 2021 година.
Сугарески информира дека рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип што завршува на крајот на месецов нема да биде пролонгиран од аспект на градежни работи, туку е можно минимално продлжување на активности за поставување сигналзиација и слични активности.