УНХЦР: Шестмина мигранти страдаат дневно во обид да го поминат Медитеранот

36

Во текот на 2018 година дневно во просек страдале по шест лица во обид да го преминат Медитеранот, се наведува во најновиот извештај „Патиштата на очајникот“, што денеска го објави Агенцијата за бегалци на Обединети нации (УНХЦР).

Покрај намалувањето на бројот на мигранти кои доаѓаат до европскиот брег, сепак, во 2018 година се проценува дека 2.275 лица загинале или исчезнале преминувајќи го Средоземно Море.

Во Европа вкупно стигнале 139.300 бегалци и мигранти, што е најмал број во последните пет години, се наведува во извештајот на УНХЦР.

– Спасувањето живот на море не е ниту избор, ниту прашање на политика, туку прастара обврска. Можеме да ги спречиме овие трагедии така што ќе имаме храброст и визија да гледаме подалеку од другиот чамец и да усвоиме долгорочен пристап заснован на регионална соработка, која човековиот живот и достоинство ги става во средина – рече Филипо Гранди, висок комесар на ОН за бегалци.

Во извештајот се опишува како, и покрај промените во политиката во некои европски земји, дошло до бројни инциденти во кои голем број луѓе со денови остануваат на море, чекајќи дозвола за закотвување.

Бродовите на невладини организации и нивните екипажи се соочуваа со постојано зголемување на ограничувањата во потрагата и спасувачките операции.

На патиштата од Либија до Европа, на секои 14 лица кои пристигнале во Европа, еден загинал на море, што е значително зголемување во споредба со 2017 година.

– Илјадници луѓе беа вратени во Либија, каде што се соочуваа со тешки услови во центрите за престој.

За многумина, доаѓањето во Европа беше последната станица од кошмарното патување на кое се соочувале со малтретирање, силување и сексуални напади, како и со закани дека ќе бидат киднапирани и задржани за откуп, се наведува во извештајот.

Се посочува дека државите мора да преземат итни мерки за разбивање на шверцерската мрежа и да ги изведат сторителите на тие кривични дела пред лицето на правдата.

Сепак, на некои места, како што е наведено, се појави надеж, и покрај политичкиот застој во напредокот на регионалниот пристап за спасување и закотвување на море, како што беше побарано од УНХЦР и ИОМ во јуни, неколку држави се обврзаа на преместување на луѓето спасени на Медитеранот, што е потенцијална основа за предвидливо и трајно решение.

Државите, исто така, ветија илјадници места за преселување за да ги евакуираат бегалците од Либија.

Извештајот, исто така, открива значајни промени во патиштата што ги користат бегалците и мигрантите.

Првпат во изминатите неколку години Шпанија стана главна точка за влез во Европа – околу 8.000 луѓе пристигнале по копнен пат (преку енклавите во Сеути и Мелилја), со дополнителни 54.800 луѓе кои успешно го поминале опасниот западен Медитеран.

Покрај тоа, бројот на загинатите во Западниот Медитеран речиси четирипати се зголеми од 202 во 2017 година на 777 во 2018 година.

Во 2018 година, 23.400 бегалци и мигранти пристигнаа во Италија, што е петпати помалку отколку во претходната година.

Во Грција, по морски пат стигнаа речиси ист број луѓе, околу 32.500, во споредба со 30.000 во 2017 година, но имаше приближно тројно зголемување на бројот на луѓе кои стигнаа преку копнена граница со Турција.

Во другите делови на Европа, во Босна и Херцеговина се регистрирани 24.000 пристигнувања на бегалци и мигранти, кои минувале низ Западен Балкан.

Кипар прифати неколку бродови што транспортираа сириски бегалци од Либан, додека мал број луѓе од Франција пристигнаа во Велика Британија кон крајот на годината, наведува УНХЦР во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...