Конечно растеретен од товарот на мојот несмотрен збор пред телевизиските камери, дека сум спремен да разговарам со партиите за кандидатурата за претседател, разговор до кој никогаш и не дојде, ме насмеа утрешната насловна страница на „Слободен печат“: „Стево во анкетите, Никола кај странците, Оливер во кујните, а Денко кај умните“.
Се насмеав и се сетив на анегдотата, за тоа колку вреди умот во политиката, а се однесува на Адлаи Стивенсон, кандидатот на демократската партија против републиканецот Двајт Ајзенхауер, на два последователни избори, во 1952 и 1956 година.
Адлаи Стивенсон, застапен со неколку книги и во мојата библиотека, бил еден исклучително умен човек. Приказната вели дека, на предизборен митинг на еден универзитет, така маестрално ги изложил домашните и меѓународните проблеми на Америка со кој би се соочил како иден претседател, што една жена восхитено извикала:
„Господине Стивенсон, сите умни луѓе на Америка ќе гласаат за вас“.
„Но, госпоѓо, возвратил Стивенсон, мене ми треба мнозинството“.
Умниот Стивенсон никогаш не го освои мнозинството. Зошто? Не можел да одговори ниту Џорџ Буш постариот, па, на истата тема, го прашал својот долгогодишен пријател, министерот за надворешни работи Џејмс Бејкер:
„Како тоа, Џим, сите зборуваат дека си толку паметен а јас сум претседател, а не ти?“.
Тоа е затоа што два и два не се четри во политиката. Тоа го научив уште во годините на демократизација на политичкиот систем на Југославија, од устата на еден познат загребски економист Бранко Хорват, чии прости и строги зборови ја рушеа партиската догма. Кога сега ќе размислам, добар дел од времето сум го посветил објаснувајќи си зошто два и два во политиката можат да бидат и пет и осум и десет и колку што сакате. Одговорот е дека во човечките работи, многу нешта се непредвидливи. Не случајно, „архитектонскиот принцип“ на старите мајстори на политичката мисла какви што биле Тукидид и Макијавели, и крајната експликација на се што се прави во политиката е човековата природа.
Имено, на почетокот и на крајот на општествените процеси што тие ги анализираат е човекот, неговите базични импулси какви што се агресијата,стравот и егоизмот , што го тера да ја наметне својата власт врз другите, а потоа да ја зачува.
Се додека не научиме да размислуваме со тие моќни алатки од пред неколку илјади години, алатки кои почиваат врз здравиот разум, светлечките монитори на модерните анкетари можат да излажат.
Зарем ништо не научивме од изборот на Доналд Трамп за претседател на Америка?
Што знаеме за расположението на гласачите во нашата земја? Како ќе реагираат на првите избори по склучувањето на Преспанскиот договор? Дали гневот од „понижувањето“, за мнозина без наводници, ќе се истури врз кандидатот на власта? Дали кандидатот на опозицијата, намерно и погрешно изедначувајќи го домашното со меѓународното право, смета на неукоста и емоциите на гласачите, само за да ја задоволи својата амбиција за власт?
Дали две страни кои апсолутно не се спремни да ја прифатат победата на другата страна нема намерно да ги упропастат изборите во моментот кога ќе им тргне лошо? Нели се овие избори вовед во нова политичка криза на Македонија?
Одговор на овие и на многу сериозни прашања немаме, зашто луѓе водени од своите базични интинкти лесно преминуваат преку нив и се кандидираат.
Само знаеме да си го мериме рејтингот, најлесното што можела да го научи новата генерација политиколози на домашните или на странските универзитети.
Еве, последната македонска анкета заклучи дека трката ќе биде меѓу Пендаровски и Димитров.
Зошто, денес најсериозен кандидат е Спасовски? Заради погоре кажаното. Затоа што, за разлика од анкетите, во политиката два и два не секогаш се четри.