Во знак на благодарност од Град Скопје и скопјани за несебичната помош на норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, улицата што ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар ќе го носи името „Столтенбергова“. На свеченоста по повод иницијативата за именување на улицата денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Во годината кога ја одбележуваме 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, се збогувавме и со големиот пријател и почесен граѓанин на Скопје, Торвалд Столтенберг. Неговите заслуги во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 се огромни. Скопјани го паметат по изградбата на детската болница во Козле, којашто е донација на Кралствата Норвешка и Шведска, изградбата на норвешките бараки во Тафталиџе, како и координацијата на помошта на Норвешкиот Црвен крст што пристигнала во првите денови по земјотресот. Торвалд Столтенберг направи многу за Скопје и за граѓаните на овој град, но она што го остави зад себе овој голем човек се мостовите на пријателство меѓу Македонија и Норвешка, изградени од солидарност и хуманост. За сето тоа, јас како градоначалник на Град Скопје ја покренувам иницијативата оваа улица што ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар, да го носи името улица „Столтенбергова“ – рече градоначалникот Шилегов, на откривањето на таблата на улицата.
Тој додека дека Скопје секогаш ќе се сеќава на тие што му помогнале во неговите најтешки времиња.
– Токму затоа, оваа табла му ја подарувам на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за да знае дека тоа што го направи неговиот татко за овој град, никогаш нема да биде заборавено – нагласи Шилегов.
Генералниот секретар Столтенберг се заблагодари на градоначалникот Шилегов за оваа иницијатива и искажа задоволство што Скопје и неговите жители ги паметат напорите на неговиот татко во обновата на пост-земјотресно Скопје.
– Скопје имаше посебно место во срцето на татко ми, поради блискоста со градот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Тој беше почестен од неговото прогласување за почесен граѓанин на Скопје и сигурен сум дека ќе му претставуваше голема чест што улица во Скопје ќе биде именувана по него – кажа Столтенберг.