Претставата „Убавицата и ѕверот“, што рекордно е најиграна претстава, утре во Театарот за деца и младинци ќе биде изведена по 350. пат, ја имаат гледано повеќе од 40.000 луѓе.
За Јелена Лужина, театролог, професор, „Убавицата и ѕверот“ не е само обична претстава туку културно наследство по стандардите на УНЕСКО.
-„Убавицата и ѕверот“ не е случаен проект, туку е важен по тоа што е прв проект на Театарот за деца и младинци кој се игра на оваа сцена. Овој театар е единствен од македонските театри кој во својата 28-годишна историја го немал она што сите театари го имаат, „ups and downs“. Овде е секогаш една константа на висок квалитет беспрекорна одговорност, купишта публика, насмевка и единственото место кое функционира во оваа тетарска стварност – вели професорката Лужина.
Заменик министерот за култура Владимир Лазовски, кој воедно е и актер во Театарот за деца и младинци, најави дека театарот наредната година ќе почне изградба на нов објект што ќе биде во центарот на градот.
– Наредната година се надеваме дека ќе започнеме со проектната документација и да ја завршиме до крајот на мај, а до крајот на 2019 година најверојатно ќе започнеме и со изградбата – рече тој.
Освен Театарот за деца и младинци, нова зграда ќе добие и театарот во Прилеп во склоп на Центарот за култура и целосно реновирање на Кумановскиот театар каде, како што наведе, состојбата е ужасна.
Претставата „Убавицата и ѕцерот“ прв пат е изведена на 6 февруари 1998 година и 20 години активно се игра во театарот со комплетно иста екипа и исти костими.